/ Прочитано:

1.047

Стопанските комори реагираат на Законот за личен доход: Не се послуша гласот на бизнисот

Предлог-законот за данокот на личен доход влезе во собраниска процедура пред истекот на рокот за забелешки на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ). Бизнис-заедницата остро реагира дека не само што не се послушани нејзините аргументи против новите даночни решенија, туку не е испочитуван рокот за доставување на забелешките, велат од стопанските комори.

Стопанските комори во Македонија (Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Сојузот на стопански комори), како дел од проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“, заеднички реагираат дека со овој потег се нарушува партнерскиот однос помеѓу јавниот и приватниот сектор како клучна алатка за постигнување на поволен деловен амбиент, кој ќе овозможи предвидливост, стабилност и ќе резултира со економски раст во Република Македонија.

Стопанските комори на Македонија како дел од проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“, организирани во Платформата за јавно-приватен дијалог, каде што партнер им е токму Владата, во септември годинава излегоа со став дека реформата во даночната политика треба да се одложи за минимум 5 години. Ваквиот заеднички став резултираше по направените детални анализи, по бројните анкети со бизнис-секторот и по работните средби реализирани со компаниите.

Во позицискиот документ кој го усогласија коморите меѓу себе и кој го доставија до надлежните државни институции беше наведено:

Позитивниот ефект од воведувањето на прогресија кај персоналниот данок на доход преку зголемување на буџетски приходи во овој момент ќе биде далеку помал отколку негативните ефекти кои ќе се рефлектираат на вкупното бизнис-опкружување.

Критиките за рамниот данок во однос на тоа дека не придонесува за праведност во оданочувањето се недоволен аргумент за негово заменување со прогресивен данок во овој момент и треба да се имаат предвид и другите позитивни аргументи кои одат во прилог на рамниот данок.

Зголемувањето на стапките по автоматизам ќе значи праќање на негативен сигнал кај домашните и кај странските инвеститори.

Регионалното опкружувањето во кое се наоѓа Република Македонија во овој момент не дозволува зголемување на стапки од причина што брзо ќе ја изгуби компаративната предност и имиџот од досегашната политика на ниски даноци.

Прогресивното оданочување е повеќе карактеристика кај развиените земји, како во поглед на економијата така и во поглед на институциите надлежни за спроведување на даночната политика. Според тоа, даночниот систем покрај функцијата на прибирање приходи за финансирање на државните потреби или нивна распределба, исто така треба да е во функција и на развојот на економијата, односно да биде позитивен фактор при носење на одлуки од страна на инвеститорите.

Во ситуација кога државата сака да иницира прогресивен персонален данок, треба да даде предлог и за соодветно распределување на бенефициите (здравствен систем, образование, животна средина и друго) кои државните органи им ги даваат на граѓаните.

Во овој момент, сметаме дека прагот за кој даночните обврзници се спремни да ги плаќаат даноците е прилично низок и зголемувањето на стапките ќе предизвика дестимулирачки ефект во економијата и ќе ја поттикне даночната евазија. Подобро е со постојните механизми да се поттикнат економските оператори да не прават затајување на данок, односно да ги плаќаат сите даноци, наместо да манипулираат со средствата.

Воведувањето на рамниот данок доведе до големо растоварување на вкупниот даночен товар врз стопанските субјекти, па неговото заменување со прогресивен ќе значи сосема спротивен ефект, односно поголемо даночно оптоварување.

Во постојниот систем на бруто-плата зголемувањето на персоналниот данок, односно прогресивното зголемување би имало влијание на висината на нето-платите на вработените, односно зголемување на персоналниот данок значи намалување на нето-платите, понизок животен стандард и помала лична потрошувачка.

Многу внимателно треба да се пристапи кон измени во даночната политика и да се има предвид дека не се само стапките дел од даночната политика, туку и многу други елементи наведени во анализата.

Стопанството со сигурност ќе биде афектирано од предложените промени, како на пример ИКТ-секторот (информатичко-комуникацискиот сектор), каде што одливот на мозоци се зголемува секој ден. Дополнително, ќе биде дестимулирана инвестицијата во „смарт” технологии, што е спротивно на политиката на Владата да поддржи истражувачки активности во што е можно поголем обем.

„Ваквиот вид ад хок измени не ѝ одат во прилог на државата, која изминатите неколку години ги помина во правна несигурност и економска криза, поради што целокупната економија беше ставена пред предизвик на опстанок”, се вели во заедничкиот став на стопанските комори, кои додаваат дека нивниот глас и гласот на бизнис-заедницата не бил слушнат, и покрај тоа што навремено и аргументирано укажале на негативните ефекти од овие реформи и во септември ги доставиле аргументите до сите релевантни државни институции.

Законот за личен доход ќе се носи по скратена постапка: Кои решенија ги содржи новиот пропис

УЈП во врска со новиот Закон за личен доход и одложувањето на обврската за  пензионерите

Новиот Закон за личен доход и за прогресивно оданочување влегува во собраниска процедура

Банкарите бараат предложените даночни измени да се одложат до влезот на Македонија во ЕУ

Заклучоци на Стопанската комора на Македонија во врска со предложената даночна реформа

Коментар на „ЦИВИТАКС“ за предложената даночна реформа

Примања на кои не се плаќа данок на доход според новиот Предлог-закон за данокот на личен доход

Видови доход кои се предмет на оданочување според новиот Предлог-закон за данокот на личен доход

Целосен текст на новиот Предлог-закон за данокот на личен доход

Министерството за финансии објави анализа за даночната реформа

Измени на данокот за личен доход: Дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно

Компаниите го поздравуваат одложувањето на најавената даночна реформа за прогресивно оданочување

Компаниите со истражување за прогресивното оданочување на личниот доход:  Не е погоден момент за вакво оданочување

Даночната политика во фокусот на Роуд-шоуто на слободниот пазар

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ: Потребно е праведно оданочување – богатите да плаќаат повеќе, а сиромашните помалку

„Фајнанс тинк“ за  буџетските ефекти од потенцијален прогресивен данок на доход

„Фајнанс тинк“ за извештајот на ММФ во врска со даноците, пензионирањето, минималната плата и социјалната помош

Трибина за данокот и за заштитата на правата на даночните обврзници

М.В