/ Прочитано:

1.322

Стратешкиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2017 година

Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2017 година посочува повеќе активности во Стратешкиот план за 2017 година кој е доставен во Собранието на Република Македонија и за кој пратениците треба да дадат согласност.

Стратешкиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки претставува годишен документ, преку кој се одразуваат целите и приоритетите на Државната комисија за 2017 година.

Првенствено, Државната комисија за жалби по јавни набавки како прва активност и приоритет го посочува решавањето по жалбите во постапките за доделување на договори за јавни набавки, концесии и јавно приватно партнерство и жалбите на решенија на Советот за јавни набавки во законските рокови, на квалитетен и транспарентен начин.

Како следни активности Комисијата ги посочува: зајакнување, развој и одржување на човечките ресурси на Државната комисија, надградба и континуирано одржување на воспоставената –веб-страница на Државната комисија и  учество во процесот на постојана обука и стручно усовршување на сите инволвирани страни во постапките за доделување договори за јавни набавки (приватниот сектор, јавниот сектор и локалната самоуправа) преку организација на работилници.

Во таа насока, Државната комисија за жалби по јавни набавки посочува и на учество во подобрувањето на правната рамка која го уредува системот за јавни набавки во Република Македонија, потоа развојот, одржувањето и надградувањето на електронската архива во Државната комисија за жалби по јавни набавки, како и воведување електронски систем за управување и водење на  целокупната жалбена постапка пред Државната комисија.

Комисијата најавува и воведување на електронско заведување на жалбите преку електронската архива на Државната комисија и електронска распределба на предмети по случаен избор.

„Електронската распределба на предмети во Државната комисија за жалби по јавни набавки се врши и ќе се врши по случаен избор, исклучиво по електронски пат. Со воведувањето на електронската архива и електронската распределба за работа на предметите се постигна уште побрза и поефикасна распределба и решавање на предметите, што всушност е и најголема придобивка за сите заинтересирани лица во постапките кои се водат пред Државната комисија за жалби по јавни набавки“, истакнуваат од Комисијата.

Исто така, како активност и приоритет Државната комисија за жалби по јавни набавки го најавува и електронското доставување одлуки на Државната комисија до странките во постапката за правна заштита, како и интегриран систем за поврзување на сите инволвирани страни во жалбената постапка пред Државната комисија по електронски пат во реално време.

Потребно е и, велат од Комисијата, надградба и усовршување на електронската архива, со цел таа да дава посодржајни извештаи кои ќе произлезат од податоците кои се внесуваат во неа.

„Со надградба и усовршување на електронската архива, ќе се придонесе автоматски да се добиваат посодржајни, поцелисходни и поквалитетни извештаи. Системот на електронската архива е потребно да биде подобрен и надграден во делот на обработка на податоците кои се внесени, односно врз основа на податоците кои се внесуваат, тој е потребно автоматски да дава готови обработени податоци во смисла на конкретен број на поднесени жалби, тужби и слични податоци“, образложува во Стратешкиот план за 2017 година, Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2017 година.

М.В