/ Прочитано:

1.165

Стратешкиот план на Катастарот за 2019 година ќе се реализира со годишна програма

Владата на РМ го разгледа Стратешкиот план на Агенцијата за катастар на недвижности за 2019 година и даде согласност за Годишната програма за негова реализација, а на предлог на Министерството за транспорт и врски Владата ја усвои Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектни документации за 2019 година, како и Годишната програма за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Македонија за 2019 година.

Донесувањето стратешкиот план и годишна програма на Агенцијата за катастар на недвижности е предвидено во Законот за катастар на недвижности.

Според овој закон, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижности, извршувањето на основните геодетски работи, геодетските работи за посебни намени, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижности, премерот и одржувањето на државната граница на Република Македонија, масовната процена на недвижностите, воспоставувањето и управувањето со Графичкиот регистар за градежно земјиште, изготвувањето на топографските карти, одржувањето на Регистарот за просторни единици и водењето на Графичкиот регистар за улици и куќни броеви се вршат врз основа на стратешки план и годишна програма за реализација на стратешкиот план.

Стратешкиот план го донесува Владата на Република Македонија на предлог на Агенцијата за период од три години, кој по потреба може да се менува, односно дополнува. Годишна програма донесува Агенцијата, за која согласност дава Владата на Република Македонија. Со планот и програмата се утврдуваат видот и обемот на работите, средствата потребни за нивна реализација, како и изворите на средствата.

Во Стратешкиот план се наведува дека Агенцијата за катастар на недвижности е сервисно ориентирана институција која обезбедува сигурен и ефикасен пристап до дигиталните податоци од ГКИС преку е-сервиси, електронски го одржува катастарот на недвижности и катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности, воспоставува Графички регистар за улици и куќни броеви (Адресен регистар) и Графички регистар за градежно земјиште, создава услови за идно воспоставување на масовна проценка и 3Д-катастар, воспоставува и одржува геодетска референтна инфраструктура по меѓународни стандарди и обезбедува јавен пристап до Националната инфраструктура на просторни податоци, ги јакне човечките ресурси и капацитети со цел соодветно да одговорат на барањата на новите програми, системи и методи, стремејќи се кон зголемување на средствата од сопствени приходи во Буџетот на АКН.

М.В