/ Прочитано:

2.580

Стравот, заканите и понижувањето како методи за управување со вработените

Психичкото вознемирување на работно место, во смисла на Законот за заштита од вознемирување на работно место, е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

foto akademik

Висок степен на нетолерантност кон жртвите и повишување на тонот на гласот

Според искуствата, вели адвокатката Маја Ристова, работодавачите користат разни „методи“ за да предизвикаат чувство на вина кај работникот со цел да го принудат самиот да даде отказ на работното место.

„Постојат разни методи кои, освен што предизвикуваат чувство на вина кај работникот, предизвикуваат и страв, непријатност, пониженост и сл. Најчесто кон жртвите се покажува висок степен на нетолерантност и повишување на тонот на гласот, им се упатуваат погрдни зборови, им се даваат прекумерни работни задачи со краток рок на исполнување или им се одземаат материјали и предмети кои им се потребни за извршување на работните задачи (компјутер, возило, телефон, одредена машина и сл.) и друго“, истакнува Ристова.

Психичкото вознемирување е многу често и се прифаќа како нормално однесување

Во Македонија, вели Ристова, психичкото вознемирување на работното место е многу често и е присутно до тој степен што веќе стана и нормален начин на функционирање на пазарот на трудот.

„Разбирливо е од кои причини се користи овој механизам и ќе продолжи да се користи сè додека имаме дефицит на слободни работни места, сè додека постои недоволно уредена законска регулатива, сè додека не се изрекуваат прекршочни глоби и сè додека не се донесуваат позитивни судски пресуди“, нагласува Ристова.

Континуирано оневозможување и опструирање за професионален раст

Во однос на законската дефиниција „компромитирање на професионалната иднина“ на работникот, адвокатката Ристова вели дека законската регулатива во оваа област не дефинира што се подразбира под компромитирање на професионалната иднина.

„Меѓутоа, слободно можам да го изнесам моето видување за тоа што конкретно се мисли со овој термин. Тоа е извршување на работни задачи кои не се во описот и во пописот на работното место, т.е. задачи за кои, на пример, не е потребна висока стручна спрема, а работникот е  докторанд, како и задачи кои не се поврзани со работното место на кое работи лицето. Понатаму, како компромитирање на професионалната иднина може да се третира и континуираното оневозможување и опструирање за професионален раст и за развој на работникот, како и забраната за користење на законските права за стручно оспособување, преквалификација и доквалификација, без образложение“, вели Ристова.

Пресуда за психичко вознемирување

Оваа година Основниот суд Скопје II Скопје донесе пресуда со која утврди психичко вознемирување на тужителот, кое предизвикало душевна болка, страв, понижување, повреда на достоинството, интегритетот, честа и угледот на тужителот, со што крајната цел била напуштање на работното место. Судот им наложува на тужените да престанат со психичкото вознемирување на работното место на тужителот и да овозможат соодветно вреднување на неговата работа.

„Оваа одлука е од големо значење затоа што психичкото вознемирување на работното место, односно мобингот е доста зачестена појава, која многу ретко се пријавува и против која ретко се поведуваат постапки за заштита“, истакнаа од Македонското здружение на младите правници по повод донесувањето на пресудата во постапка што ја водеше адвокатот Петро Јанура.

Психофизички нарушувања кај жртвите

Адвокатот Јанура, во однос на психичкото вознемирување на работното место, вели дека постојат повеќе нарушувања кај жртвите што претрпуваат мобинг, а тоа се: телесни нарушувања, хроничен умор, зголемена или намалена телесна тежина, различни синдроми на болест, потоа, намален имунитет, психички нарушувања, депресија, емоционална празнина, чувство на загуба на смислата на живеењето, анксиозност, загуба на мотивацијата и ентузијазмот итн.

„Но, исто така, има и последици во врска со однесувањето на личноста, како на пример:  губење на концентрацијата, заборавеност, семејни проблеми, дури во некои случаи и суицидно однесување. Мобингот е област која е многу специфична и постои опасност жртвите на мобинг да се соочат со многу тешки последици“, додава адвокатот Јанура.

Вербални закани и давање на бесмислени задачи

Во врска со ефектите на мобингот, Јанура нагласува дека првенствено постојат ефекти врз комуникацијата на жртвата со другите колеги. На жртвата ѝ е забрането да зборува и таа треба да биде тивка.

„Потоа, се напаѓа вербално за начинот на вршење на работните задачи и добива вербални закани. Понатаму,  постојат ефекти врз социјалните контакти на жртвата со колегите. Имено, колегите не зборуваат со неа, жртвата е изолирана во друга канцеларија и слично. Понатаму, има ефекти врз личниот углед на жртвата на начин што жртвата е озборувана или исмејувана за нејзина етничка припадност или за хендикеп, или за начинот на одење и зборување и друго. Исто така, постојат ефекти врз работата на жртвата. На жртвата не ѝ се даваат работни задачи, или пак ѝ се даваат бесмислени работни задачи. И на крајот, има ефекти врз физичкото здравје на жртвата – ѝ се даваат опасни задачи. Потоа, може да биде вознемирувана сексуално, да работи во несигурна околина и ѝ се дава работа што не може да ја заврши во разумен рок“, објаснува адвокатот Јанура, резимирајќи дека секој оној што ќе се препознае како жртва на мобинг веднаш треба да реагира и да ја побара правдата која, сепак, е достижна.

 Должностите на работодавачот

Според Законот за заштита од вознемирување на работното место, работодавачот во текот на работата треба да: обезбеди услови во кои работата ќе се врши во атмосфера за заемно почитување, соработка, без непријателско, понижувачко или навредливо однесување.

Исто така, работодавачот треба да развива свест кај вработените за потребата од заемно почитување и тимска работа во извршувањето на работните задачи и да им овозможи на вработените право да изнесуваат свои ставови, мислења и предлози во врска со вршењето на работата на работното место, а поради тоа вработените да не трпат штетни последици.

„Работодавачот е должен на вработениот да му обезбеди работа на работното место во здрава работна средина под услови со кои се обезбедува почитување на неговото достоинство, интегритет и здравје. Работодавачот е должен да ги преземе потребните мерки за спречување и за заштита на вработениот и на лицата ангажирани со договори кои учествуваат во работа кај работодавачот од вознемирување на работно место, согласно со закон“, се пропишува во Законот.

М.В.