/ Прочитано:

3.318

СТРАЗБУР ДОНЕСЕ ПРЕСУДА ЗА СЛУЧАЈОТ НА СПАСКА МИТРОВА: Нема повреда на човековите права утврдени во членот 8 од Конвенцијата

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда за случајот „Митрова и Савиќ против Република Македонија“.

evropski-sud-za-chovekovi-prava-strazbur-evropski-sud-za-covekovi-prava-strazbur-e1391420079204.jpg

Во пресудата се утврдува дека нема повреда на човековите права утврдени во членот 8 од Европската конвенција за човекови права, во кој се вели дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.

Како што посочува ЕСЧП, Митрова се жалела дека ѝ биле повредени правата врз основа на членот 8 од Конвенцијата, во однос на остварувањето на нејзините родителски права и губењето на правото на старателство.

Во случајот, апликантките беа застапувани од бугарската адвокатка Добрева, додека пак Република Македонија ја застапуваше владиниот агент Костадин Богданов, кој ја потврдува пресудата. Тој за Академик вели дека Митрова ги обжалила сите постапки кои се воделе пред домашните органи за нејзиниот случај, во кој спаѓаат постапките пред судските органи и центрите за социјална работа. „Но, според Европскиот суд за човекови права тие постапки биле непходни и биле спроведени за најдобар интерес на детето, а во согласност со стандардите на Конвенцијата и демократските општества“, вели Богданов.

Во 2009 година во јавноста доста се пишуваше за случајот на Спаска Митрова од Гевгелија, на која ѝ беше изречена казна затвор од 3 месеци за кривичното дело „одземање малолетник“ бидејќи не му дозволувала на поранешниот сопруг да го посетува нивното дете.

Митрова, која има и бугарско државјанство, велеше дека постапките против неа се предизвикани од национални и политички мотиви.

Нејзиниот случај предизвика и бурни реакции во соседна Бугарија. Бугарските власти бараа „објективен и непристрасен судски процес и решение кое ќе соодветствува со европските принципи на транспарентност и објективност“.

Во врска со таквите наводи, македонското МНР одговори дека „еден граѓански судски процес помеѓу двајца родители не треба да прерасне во спор помеѓу две држави и нивните дипломатии“.

M.В