/ Прочитано:

1.700

СТРАЗБУР ЈА КАЗНИ МАКЕДОНИЈА: „Судскиот совет не бил непристрасен при разрешувањето на судијата Митриновски“

Судот за човекови права во Стразбур ја казни Македонија со 4.000 евра одлучувајќи по жалбата на поранешниот претседател на Апелациониот суд Скопје, Јордан Митриновски, за неговото разрешување од судиската функција во 2011 година.  Во пресудата е утврдена повреда на правото на фер судење од аспект тоа што тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, се јавува и како иницијатор на постапката за дисциплинска одговорност на Митриновски и како член на Судскиот  совет на РМ кој подоцна одлучува по таа иницијатива и носи одлука за негово разрешување.

Судијата Митриновски беше разрешен во 2011 година поради одлуката да го пушти Бајруш Сејдиу во домашен притвор. По барање на јавниот обвинител, пак, Врховниот суд во Совет, со кој претседаваше Вангеловски, донесе одлука со која го укина решението за преиначување на мерката притвор и побара разрешување на Митриновски. Вангеловски, како претседател на Врховниот суд, беше и член на Судскиот совет што ја донесе одлуката за негово разрешување.

Судот во својата пресуда оценува дека Митриновски имал легитимна основа да стравува дека претседателот на Врховниот суд бил веќе лично убеден дека тој треба да биде разрешен поради професионална грешка пред да дојде прашањето до Судскиот совет.

Како дополнителна повреда е посочено тоа што на одлуката за разрешување Митриновски морал да се жали пред Жалбениот совет во Врховниот суд каде што претседател на судот е Вангеловски.

„Во такви околности Судот смета дека системот во кој судијата Јово Вангеловски, како член на Судскиот совет,  кој побарал иницирање на постапката, учествувал во одлуката за отстранување на жалителот од функцијата, фрла сомнеж за неговата непристрасност кога се одлучува за основаноста на жалбата на жалителот по предметот. Со оглед на горекажаното, Судот утврдува дека судијата во постапка не го положи тестот за субјективна и објективна непристрасност. Понатаму, фактот дека судијата беше еден од петнаесеттемина членови на Судскиот совет не може под тие околности да доведе до каков било друг резултат. Според тоа, бил прекршен членот 6 став 1 од Конвенцијата поради недостиг од непристрасност на Судскиот совет при разгледување на предметот на жалителот“, се вели во пресудата што денеска ја објави Судот за човекови права.

Според Судот, жалителот мора да претрпел вознемиреност и нервоза на сметка на констатираните повреди.

„Затоа, одлучувајќи на правична основа, во согласност со членот 41 од Конвенцијата, Судот му доделува на жалителот 4.000 евра во однос на нематеријална штета, плус која било такса што би можела да биде наплатена“, се вели во пресудата.

Митриновски: Очекувам позитивни одлуки и за моите колеги 

Митриновски за Академик вели дека ваква пресуда и очекувал, со оглед на, како што посочува евидентните повреди на Конвенцијата.

„Многу е важно што одлуката е позитивна. Пресудата ги нотира сите повреди“, вели тој и  додава дека врз основа на пресудата на Стразбур ќе поднесе тужба пред домашните судови.

Toj не е единствениот судија кој се жалеше во Стразбур за неговото разрешување. Во наредниот период се очекува Стразбур да одлучи и по жалбите на апелационата судијка Виолета Дума, на скопската судијка Снежана Геровска-Попчевска која одлучуваше за случајот „Бачило“, на тетовскиот истражен судија Мирослав Трифуновски и на уште неколку судии.

„Се надевам дека и одлуките за моите колеги ќе завршат исто така позитивно, со оглед на начинот на кој се разрешени“, истакнува Митриновски.

Бoгданов: Советот за утврдување на факти ќе превенира вакви случаи во иднина

Според владиниот агент Костадин Богданов, новиот Закон за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија, ќе ја превенира појавата на вакви случаи во иднина.

„Улогата на обвинител во согласност со овој закон ќе ја игра Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија, кој ќе биде во целост независен и чии членови и нивните кариери нема да зависат од Судскиот совет со цел  да се обезбеди целосна непристрасност и независност, а судската функција ќе си остане на членовите на Советот, во согласност со Уставот и со законите. Дополнително, со измените единствено иницијатор на постапката за одговорност на судија може да биде само овој совет за факти, односно тоа повеќе нема да можат да го прават членови на Судскиот совет или претседатели на судови. Со ова, уште пред да биде донесена во целост е имплементирана пресудата“, вели Богданов за Академик.

>> ПРЕСУДА: Митриновски против Македонија


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 30.04.2015