/ Прочитано:

2.073

Строги контроли за безбедност на играчките

Според Државниот пазарен инспекторат, постои строга контрола на играчките што се увезуваат и што се продаваат во Македонија. Секој од производите мора да има ознака CE (Conformite Europeen) и сертификат  за  исполнување на стандардите  на сообразност утврдени со нашата легислатива. Покрај Државниот пазарен инспекторат, контрола врз безбедноста на детските играчки врши и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Пазарниот инспекторат врши контрола на техничкиот состав, односно нивната физичка безбедност, додека Државниот санитарен и здравствен инспекторат  го контролира нивниот хемиски состав.

На адреса на Здружението за заштита на потрошувачите се доставени десетици поплаки од родители што биле незадоволни од квалитетот на играчките кои ги купиле за своите деца. Во дел од случаите изразиле сомнеж во безбедноста на производите.

„Купив кукла за мојата ќерка, но само што ја допре со мокра рака, таа пушти боја и почна чудно да мириса“, вели Фросина Арсовска од скопската населба Карпош.

Исплашена дека играчката можеби содржи одреден хемиски состав кој може да ѝ наштети на здравјето на нејзината ќерка, таа веднаш ја фрлила. Според м-р Иво Костовски од Здружението за заштита на потрошувачи,  сите вакви случаи речиси секогаш  остануваат само на ниво на поплаки. Граѓаните не се заинтересирани за поведување каква било судска постапка, немаат детални информации за производот или не ја чуваат фискалната сметка што  ја отежнува работата на надлежните органи. Според Костовски, тие најчесто одлучуваат да се јават во Здружението дури откако ќе прочитаат или слушнат вест на некој од светските медиуми дека одредена играчка е тргната од промет поради откриени небезбедни состојки во составот.

„Проблемот е во тоа што не разбираат дека се трга само  една серија, односно онаа за која било утврдено дека  е небезбедна. Секако, покрај хемиската небезбедност постои и физичка. Некои од играчките не само што лесно се кршат, туку и нивните делови се многу остри, што е недозволиво, особено ако се за многу мали деца бидејќи можат да се исечат, но и да ги голтнат“, вели Костовски.

Според  Државниот пазарен инспекторат, постои строга контрола на играчките што се увезуваат и што се продаваат во државата. Секој од производите мора да има ознака CE (Conformite Europeen) и сертификат  за  исполнување на стандардите  на сообразност утврдени со нашата легислатива.

„CE“ е единствената ознака со која се потврдува сообразноста на производот со применливите барања утврдени во законите и прописите и таа  се става само од производителот или од неговиот овластен застапник.

Сертификатите за сообразност ги обезбедуваат тела за оцена на сообразноста и тоа врз основа на поднесено барање од производителот или застапникот на производителот. Изјавата за сообразност содржи:

– податоци за производителот (име, адреса)

– идентификација на производот (тип, модел)

– примена на стандард или директива

– број на тело за оцена на сообразност (ако е вклучено)

– име и потпис на давателот на изјавата.

Доколку царинскиот орган се посомнева дека производот што треба да се увезе во државата е небезбеден, доколку тој  не е придружен со документ за сообразност  и нема СЕ ознака, ја известува пазарната инспекција.

Државниот пазарен инспекторат ги врши контролите според Правилникот за безбедност на детски играчки објавен во „Службен весник“, бр.149 од 16.11.2010 година во кој се пропишани суштествените барања, кои треба да ги исполнуваат детските играчки, постапката, начинот и условите под кои се врши оцена на сообразноста, упатување на употреба на стандарди и други технички спецификации, формата и содржината на техничката документација, како и начинот и времетраењето на нејзиното чување и заштитна клаузула.

Според Елена Маневска, раководител на Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производите при  Државниот пазарен инспекторат, фактот од каде се купени играчките не е пресуден.

„Не секогаш играчките на пазарите се небезбедни и несообразни, како што и не секогаш играчките во продавниците специјализирани за детски играчки се безбедни и сообразни. Искуството покажува дека во 2016 година бројот на небезбедни играчки пронајдени на пазарот е помал поради претходните засилени контроли од страна на инспекторите на терен. Во текот на 2016 година биле повлечени 10 вида различни играчки од различни увозници“, вели Маневска.

Доколку надлежниот инспекциски орган утврди дека производот не е во согласност со барањата што треба да ги исполнуваат детските играчки, односно барањата пропишани во правилникот, се преземаат мерки во согласност со Законот за безбедност на производи. Се носи решение со кое се забранува неговото пуштање на пазар или ставањето во употреба или се носи решение за повлекување на производот од пазар или негова употреба. Во случај производот да претставува сериозен ризик, се носи решение за негово уништување.

Одмерувањето на висината на глобите на правното лице, односно на трговецот- поединец се врши во согласност со Законот за прекршоци. Највисоката парична глоба за пуштање на небезбеден производ во согласност со Законот за безбедност на производи за правното лице изнесува 5.000 евра, која во согласност со Законот за прекршоци во зависност од големината на правното лице, бројот на вработени и други елементи се намалува. Во случајот на детските играчки, ако прекршокот е направен прв пат и само еднаш и ако нивото на ризик е ниско, инспекторите најчесто одат со доброволно повлекување на детската играчка од промет.

Покрај Државниот пазарен инспекторат, контрола врз безбедноста на детските играчки врши и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Пазарниот инспекторат врши контрола на техничкиот состав, односно нивната физичка безбедност, додека Државниот санитарен и здравствен инспекторат  го контролира нивниот хемиски состав (хемиската безбедност). Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши инспекциски надзор над здравствената безбедност на детските играчки во согласност со Законот за безбедност на производи и Правилникот за својствата на детските играчки кој е усогласен со европското законодавство. Инспекторатот  ги контролира сите пратки на детски играчки кои влегуваат во државата, а врши и контроли на детските играчки во внатрешноста на државата кај субјектите што вршат трговија на големо и мало.

Според д-р Љубица Гиачо, виш инспектор во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, инспекцискиот надзор над играчките при увоз опфаќа преглед на документацијата: здравствени сертификати, оцени за безбедност на производите од производителот со кои се потврдува здравствената безбедност, преглед на играчките на лице место, како и земање на примероци-мостри во согласност со Законот за санитарна и здравствена инспекција, стандардните  оперативни процедури и Стратешкиот план за мострирање.

Покрај редовните се спроведуваат и вонредни инспекциски надзори над детските играчки и по пазарите и низ трговските објекти низ Република Македонија.

Доколку со физичкиот преглед кој ги опфаќа  хигиенските, хемиските,  електричните, физичките  својства, означувањата-декларациите, предупредувањата, возраста за која се наменети, односно со лабораториското испитување на мострите се утврди дека производите се здравствено  небезбедни, се дава забрана и се врши нивно поништување, односно враќање во земјата извозник, односно се  преземаат прекршочни санкции во согласност со законската регулатива.

Инспекторатот во текот на својата работа ги следи и известувањата добиени  на RAPEX системот за небезбедни играчки (систем за брзо информирање за производите кои претставуваат сериозна опасност) и презема мерки кои се во негова надлежност, а со цел заштита на здравјето на децата.

„Сите овие контроли ја сведуваат на минимум можноста одредена небезбедна играчка да дојде во рацете на некое дете“, велат одговорните во надлежните институции.

Сепак, во интерес на расчистување на сите сомнежи, Здружението за заштита на потрошувачите апелира потрошувачите повеќе да ги информираат доколку наидат на каков било проблем со детска играчка. Како проблем го посочуваат фактот дека тие  не  се доволно охрабрени или информирани да побараат одговорност, особено доколку цената на играчката е ниска.

А. Б.