Стручна јавна расправа за новите предложени прописи од областа на геодезијата, премерот, катастарот на недвижности и водењето регистри
Денес, на 9.6.2022 година (четврток), со почеток од 10:00 часот, во Клубот на пратеници, Агенцијата за катастар на недвижности, ќе одржи стручна јавна расправа за новите предложени прописи од областа на геодезијата, премерот, катастарот на недвижности и водењето регистри (Предлог законот за геодетска дејност и Предлог законот за премер, катастар на недвижности и регистри).
Стручната јавна расправа свечено ќе ја отворат со поздравни говори и обраќања проф. д-р Никола Тупанчески, министер за правда на Република Северна Македонија, и м-р Борис Тунџев, директор на Агенцијата за катастар на недвижности, по што следи излагањето „Клучните реформи во новите предложени кастастарски прописи“ на проф. д-р Ангел Ристов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје и член на Комисијата за изготвување на новите катастарски прописи.
Исто така, ќе се презентираат нацрт предлог Законот за премер, катастар на недвижности и регистри и нацрт предлог Законот за геодетска дејност, по што ќе следува дискусија по однос на предложените законски решенија
Како што се наведува во кратката анализа на постојниот Закон и краткиот осврт за новите законски решенија подготвени од Агенцијата за катастар на недвижности, Законот за катастар на недвижности регулира одредби различни и по природа и по структура; дел од одредбите од Законот се застарени, односно не се усогласени со актуелните измени на другите закони – неусогласеност со Закон за прекршоци, со Закон за електронско управување и електронска документација, Закон за градење и др.; постапката како што е регулирана во сегашниот Закон е претесна и недоволна да ги опфати и да ги реши сите проблеми кои се појавуваат во праксата; потреба од нови суштински измени и дополнувања, а доколку се направат како измена и дополнување на постојниот ЗКН, ќе придонесат да биде конфузен, нејасен и тежок за примена; начелото на самостојност на постапување на службените лица допринесе за немање на контролен систем и унифицираност во постапките; единствен правен лек во актуелниот ЗКН е тужба пред Управен суд, што се се покажа неефикасен во примената; исполнета е целта на одредени приоритети кои беа поставени со претходните законски решенија – воспоставување на КН на целата територија на РСМ и сл; препорака и од тимот на ”Doing Business 2019” на Светска Банка е да се стави акцент на квалитетот на податоците и постапката на запишување.
Од друга страна пак, концептот на новиот Закон за премер, катастар на недвижности и регистри е појасен и истиот претставува рамка согласно која е регулирана надлежноста на АКН за премер, катастар на недвижности, регистри и организација на АКН. Деталните постапки ќе се разработат во подзаконските акти. Досегашната пракса покажа дека решавање реални случаи согласно со законот е непрактично и подложно на многу измени на закон; Законот има нова концепциска поставеност по однос на местото на уредување на основните начела на Катастарот на недвижности, местото на уредувањето на надлежностите и органите на АКН, подзаконските прописи. Законските одредби во членовите се кратки, прецизни и јасни, со цел да се избегнат дилеми и нејасностии кои произлегуваат од одредени долги членови; се напушта досегашниот институт пријава и потврда. Постапката за запишување во КН започнува со барање за кое се донесува решение; постапката при запишување на правата на недвижностите делумно е променета и се усогласува со ЗОУП, а се задржуваат сегашните кратки рокови на одлучување до 3 дена и до 15 дена и постоечкиот еКат систем на кој електронски се спроведуваат постапките; се воведува правен лек – право на жалба пред Комисија за одлучување по жалби при Агенцијата за катастар на недвижности; Со оваа новина се зголемува принципот на правна сигурност, а на граѓаните им се овозможува полесно и подостапно остварување на своите права од страна на стручна и компетентна Комисија составена од членови вработени од АКН со повеќе годишно искуство од областа на правото и геодезијата; укинато е начелото на самостојност на запишувањето со што се воведува можност за поголем контролен механизам и унифицирање на постапката; Се предвидуваат одредби за запишување на правото на сопственост, сосопственост, заедничка сопственост, етажна сопственост и други права на недвижностите. Подробно е уредено предбележувањето, постапувањето на службеното лице во прв степен и начинот на одлучување на Комисијата за одлучување по жалби; запишувањето на правото на заедничка сопственот при уписот, односно заедничка сопственост на двајцата брачни партнери. Темелно се уредува запишувањето на правото на етажна сопственост. При запишување на посебниот дел од зграда се запишуваат и заедничките делови од зграда (досегашно решение), но и право на заедничка соспственост на земјиштето под зграда (новина); АКН се стекнува со надлежност за водење на 2 нови регистри: Регистарот на згради и Регистарот на географски имиња.
Новиот Закон за геодетска дејност, пак, кој е дел од реформите во Катастарот на недвижности, е прв ваков закон кај нас и со него се постигнуваат следниве цели: нашето законодавство се усогласува со директивите на ЕУ за признавање стручни квалификации 2005/36, 2013/55; Уредбата за административна соработка по пат на Информацискиот систем на внатрешниот пазар и Директивата 2006/123 за услуги на внатрешниот пазар; се унапредува геодетската професија и вршењето на геодетската дејност од страна на овластени геодетски субјекти, кои ќе бидат потемелно уредени со посебен закон, како и другите регулирани професии кои вршат јавни овластувања; со уредување на оваа материја во посебен закон, ЗКН се растоварува од материја која не е предмет на негово уредување; се надополнуваат постојните правни празнини и нелогичности, и се воведуваат нови законски решенија со цел подобрување на законската регулатива и истата хоризонтално се поврзува со другите закони од инжинерско техничките области; се пренесуваат одредени јавни овластувања од АКН на Геодетската комора, со што се намалуваат непродуктивните трошоци и се растоваруваат досегашните надлежности на АКН, со што таа ќе биде во можности да се посвети на други приоритети; геодетската дејност се издвојува од ЗКН и се уредува како посебна законска материја во предложениот Закон за геодетска дејност, со кој се пропишува вршењето на геодетската дејност во Република Северна Македонија; се воведуваат нови видови на овластувања и лиценци, со што се усогласува со Законот за градење, и тоа: овластување А и Б и лиценца за вршење геодетски работи А и Б; се воведуваат нови стручни профили во приватниот геодетски сектор, односно покрај овластениот геодет, во вршењето на геодетските работи учествуваат и геодетски стручен соработник, геодетски соработник и геодетски приправник; модерен пристап на организација на приватната геодетска пракса, и нивното Коморско здружување; прекршочната постапка која беше пропишана за приватните геодетски фирми се заменува со Дисциплинска постапка пред дисциплинска комисија; се отвараат нови полиња на развој на геодетската дејност и простори за работа на приватните геодетски фирми; се обезбедува квалитетни геодетски услуги; се менува концептот на полагање на стручниот испит, условите за добивање на овластување за овластен геодет со воведување на два вида на овластувања А и Б, се воведуваат посебни услови за вршење одредени геодетски работи што придонесува за постручно и поквалитетно вршење на геодетската дејност во интерес на граѓаните и правните лица; организацијата на Геодетската комора потемелно се уредува, се стекнува со нови јавни овластувања, се воведуваат нови органи Дисциплински и стручен совети и се воведува дисциплинска одговорност за овластените геодетски субјекти; се отвора можност за нови вработувања во рамките на вршењето на геодетска дејност (геодетски соработници); се зголемува надзорот и контролата во работењето на овластените геодетски субјекти од страна на АКН и Геодетската комора.
Катастар на инфраструктурни објекти