/ Прочитано:

1.173

Струшките адвокати за смртната казна – поделени мислења, различни ставови и аргументи

Поделени се мислењата на струшките адвокати за смртната казна и иницијативата за нејзино враќање. Некои кои се токму по потекло од Вевчани, а со видни емоции за немилиот настан кој се случи во прочуеното село, велат дека според нив, воопшто, поголема казна од доживотниот затвор нема. Други адвокати, пак, го мислат спротивното. Општо, струшките адвокати велат дека познавајќи го поднебјето и од она што го имале како пракса низ годините добиле различни заклучоци, но се согласуваат дека прашањето за смртната казна треба добро да се размисли, почнувајќи од правно-филозофските претпоставки до облигаторните решенија на Советот на Европа и Европската Унија, но и дека треба да се земат во предвид податоците дали со укинувањето на смртната казна се постигнале казнено-правните цели и што треба да се корегира во таа насока.

„Доживотната казна затвор е потешка за осуденикот. Посебно ако се земат условите во затворите. Во Шведска, на пример, е друга ситуација – затворите се како хотели. Во Македонија е познато како стојат работите на тој план и сметам дека смртна казна, и ако посоченото не се земе в предвид, нема да го постигне ефектот“, вели адвокатот Јовица Плушкоски.

Тој потенцира дека треба да се води сметка особено дали ќе се постигне целисходноста на таа казна и децидно сугерира дека тоа е во спротивност со современите заложби на казнената политика.

Адвокатот Боро Симјаноски е на мнение дека сфаќањето за смртната казна е релативно и дека постои таква можност, но дека таа е неблагодарна. Тој го поставува прашањето од аспект на тоа како се гледа кон целта на остварување на правдата, но потенцира дека дискутабилно е дали е тоа хумано и благодарно.

„Има многу измешани емоции, возбудени сме со последните случаи и во соседството и кај нас и креирана е една слика во јавноста со силен емотивен набој, тоа не може да се скрие. Јасно е само дека се губат човекови животи непотребно и многу лесно, тој податок загрижува и ја возбудува целата јавност. Под таква емотивна пресија и чувства веројатно е рано да се изгради некој став, но дава насоки да се размисли добро што и како понатаму да се превенираат ваквите немили настани“, вели адвокатката Билјана Гуческа.

Адвокати пак, кои инсистираа да останат анонимни, а кои ги затекнавме во моментот кога и меѓусебно разговарале за вевчанската иницијатива за смртната казна, посочија дека додека студирале на Правниот факултет во 1983 година преовладувало мислењето за смртната казна и од видни професори по кривично право.

„Тие не учеа следно: Од смртната казна државата треба да се откаже оној момент кога убијците ќе се откажат од неа“, велат тие, сугерирајќи дека таа казна постоела од пред, како што велат,  1000 години и дека постоела и во СФРЈ па затоа и можеби нејзината оправданост била присутна на факултетските катедри.

„И тогаш дојде ЕУ и се променија работите, сега правиме како што ќе ни кажат, иако ако се земат примерите на други развиени земји и општества кои се декларираат за модерни, како САД да речеме, таа си постои таму“, велат тие, посочувајќи го патем и примерот на Брејвик како казненоправна илустрација.

„Сега тој човек треба некој да го храни. Или некој како него ќе влезе ќе испоубие во градинка и државата треба да го чува до крајот на животот“, сметаат тие, кои како што рекоа, говорат од срцето на правници и луѓе, но дека како адвокати е најдобро да останат анономни.

Бившиот судија и јавен обвинител, Драгољуб Куциноски, денес адвокат и човек со големо искуство во казнено-правната материја е дециден дека ова е многу сензитивно прашање, кое е засновано и на меѓународно-правни обврски и основи, кои не може, како што вели, туку-така  да се дерогираат и релативизираат.

„Противник сум на смртната казна. Иако, во одредени случаи таа се чини дека е оправдана. Но, ова е најпрво правно-филозофско и етичко прашање и секогаш ќе постои таа дилема во конкретен случај, но јас лично сум противник на смртната казна. За мене е незамисливо во денешно време да постои смртна казна, тоа го вели современото законодавство, а законите мора да се почитуваат“ вели адвокатот Куциноски.

„Да постои! Смртната казна треба да постои сигурно, но извршувањето да биде хуманизирано. Тоа треба да се направи на начин со користење на соодветни хемиски супстанции, за да се избегне страдање. Јас сум јасен и гласен поддржувач да има смртна казна“, вели адвокатот Димче Парталоски.

Според адвокатот Фатмир Рамадановски, не може да се говори за воведување на смртната казна бидејќи тоа не е во согласност со европското законодавство и според обврските тоа не може и не треба да се случи, дури и илузорно е да се говори за тоа од денешен аспект на правно поимање и перцепирање на казнената политика.

„Со целосно разбирање за емоциите и свесни за состојбата, но таков еден потег значи отстапка од законодавно-правните рамки на Европската Унија. Ние сме решени да чекориме по тој пат и мора да се почитуваат тие насоки, затоа што всушност се и определни вредности на тоа право, кои се изградени на аргументации и анализи од правна гледна точка“, вели адвокатот.

За разлика од него пак, адвокатот Каба Бесник, вели дека долги години работејќи во кривично-правната материја лично дошол до сознанија за зголемениот раст на стапката на криминалитетот во однос на убиствата и тешките кривични дела, што е факт кој, како што потенцира, е многу поразителен за општеството. Тој е на мнение дека смртната казна е неоходност за општеството.

„Таа треба да постои во правниот систем. Со реформите се зголемија убиствата. Работам во оваа област и го тврдам тоа. Мислам дека стравот од смртната казна ќе има поголем ефект. Иако и доживотното ропство не е лесна казна. Какви работи сум видел, тоа е страшно. И од моја гледна точка за сигурноста и во поголем интерес на граѓаните е таа да постои како дел од правниот систем и казнената политика, најмногу заради елементот на превенција“, дециден е тој, додавајќи дека сепак мора да се анализираат податоците, да се размисли темелно затоа што сепак – најважен е јавниот интерес и безбедноста на граѓаните.


Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk Објавено: 19.08.2014