/ Прочитано:

1.937

Студенти на натпревар по симулирано судење пред Европскиот суд за човековите права

Студентите на Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ годинава за првпат ќе го претставуваат Универзитетот на натпревар за познавање на постапката пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и познавање и владеење на Европската конвенција за човековите права, која ја има ратификувано и имплементирано и нашата држава.

Станува збор за регионалниот натпревар „МООТ COURT“ пред ЕСЧП, кој се состои во изведување на симулирано судење на хипотетички случај, со што се дава впечаток за познавање на студентите на европското процесно право. Овој натпревар, т.н. нордиски модел, особено е популарен во земјите на Нордиската Унија и на Југоисточна Европа.

Студентите заземаат улоги на правни застапници пред Судот во случај во кој се опфатени едно или повеќе прекршувања на човековите права. Еден тим во улога на застапници на страната на апликантите и друг тим во улога на застапници на државата која е тужена пред Судот. Студентите со усни излагања се претставуваат пред угледен судски совет сочинет од судии од регионот, правни стручњаци и судии од ЕСЧП. Со цел да се квалификуваат на регионалниот натпревар, студентите мора да победат во регионалниот натпревар „FUTURA“, во кој ќе учествуваат со тимови од правни факултети од Република Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Словенија. Годинава овој настан се одржува во Ниш (Србија) од 30 јуни до 2 јули.

Студентите се предводени од менторите: проф. д-р Страшко Стојановски, доцент д-р Дејан Маролов и асистент-докторанд Елена Максимова од Правниот факултет. Во улога на правни застапници на апликантот ќе биде тим сочинет од студентите: Анастазија Коцева, Наташа Донева и Ристе Чанев. Застапници на одбраната на државата која е нападната е тимот сочинет од студентите: Рената Митрева, Мартина Георгиева и Ристе Лазаров.

М.В