Студенти од „Јустинијан Први“ во Министерството за правда по повод Европскиот ден на граѓанска правда
По повод одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда, Министерството за правда беше домаќин на група студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје.
Пред идните правници се обрати министерката за правда, Рената Дескоска, која истакна дека нашата држава и оваа година се приклучува кон одбележувањето на овој ден, но дека оваа година Министерството за правда за првпат го организира настанот со започнат скрининг процес и со започнати подготовки за преговори за членство во Европската Унија.
Министерката Дескоска истакна дека исполнувањето на агендата на Министерството за правда за реформи во правосудството ќе значи заокружување на процесот на усогласување на домашното законодавство со европското и напомена дека неодамна Венецијанската комисија излезе со позитивен извештај за измените и дополнувањата на Законот за судовите и Законот за Судскиот совет.
„Веќе се пуштени во собраниска процедура Законот за извршување и Законот за нотаријатот, а до крајот на годината ќе бидат пуштени и Законот за судови и Законот за Судскиот совет“, истакна министерката Дескоска, додавајќи дека Министерството за правда ќе ги вложи сите напори да ги инкорпорира европските стандарди во домашниот правен систем.
Студентите имаа можност и да се запознаат со работата и со одговорноста на различните сектори во Министерството за правда, како: Секторот за бесплатна правна помош и политички систем, Секторот за меѓународна правна помош и Секторот за правосудството.
Државните советници ја презентираа реформската агенда на Министерството за правда и потребата од различните законски измени кои се случуваат во областа на правосудството, борбата против корупцијата, кои се во насока на обезбедување на повисоко ниво на правна сигурност за граѓаните, и во линија на евроатлантската интеграција на државата.
Целта на одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда е на граѓаните на Европа да им се овозможи одблизу да се запознаат со своите основни права во повеќе области, како и да се запознаат со функционирањето на системот на правосудството. Во 2003 година, Советот на Европа донесе одлука 25 октомври да се одбележува како Европски ден за граѓанска правда.
М.В