Студентите ги надградуваа своите знаења и на првата обука за кривичното право, во организација на Академик

Покрај обуките посветени на пишувањето правни поднесоци, Академик организира и обуки посветени на теми од кривичното право. На првата обука од циклусот обуки за кривичното право се говореше за темата насловена како „Право vs. неправо“ и за темите кои се однесуваат на прашањата за претходната постапка, за постапката за пријавување, за предистражната постапка, за посебните истражни мерки, за истражната постапка и за мерките за претпазливост.

Кривичната постапка, посочи судијката Васка Николовска – Масевска, започнува со издавање на наредба за спроведување истражна постапка или со првото преземено истражно дејствие пред да биде издадена наредба за спроведување истражна постапка, со определување на главната расправа по обвинителен предлог или приватна тужба, со предлог за издавање казнен налог или со предлог за определување мерка на безбедност.

Јавниот обвинител и правосудната полиција за сторено кривично дело дознаваат со непосредно забележување, по допрен глас или по примена кривична пријава. Јавниот обвинител донесува наредба за спроведување на истражна постапка.

Сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност, за кои се известени или за кои дознале на друг начин. Во Законот за кривичната постапка се пропишува дека секој може да пријави кривично дело кое се гони по службена должност.

Кривичната пријава се поднесува до надлежниот јавен обвинител, писмено или усно, телефонски, по електронски пат или со употреба на други технички средства и начини. Ако пријавата е поднесена преку електронски уред се обезбедува нејзин електронски запис и се составува службена белешка.

Истражната постапка, појасни понатаму судијката Николовска – Масевска, се поведува против определено лице кога постои основано сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог. Кога е веројатно дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, кои на друг начин не можат да се соберат, може да се преземат и законски предвидените истражни мерки.

За посебните истражни мерки беше реализирана и практична вежба за пишување барање до судија на претходна постапка за определување на ПИМ, а во врска со истражната постапка се говореше и за роковите, за распитите на сведоци и обвинети, како и за вештачењата и доказите. Во делот за мерките на претпазливост се дискутираше за практични примери. Според Законот за кривичната постапка, мерките на претпазливост може да траат додека постои потреба, а најдолго до правосилноста на пресудата.

Судијата Васка Николовска – Масевска од Основниот суд Скопје 1, исто така, ќе биде предавач и на обуките за студенти по право кои ќе се одржат на  14, 19 и 21 декември.