/ Прочитано:

750

Студентите избраа свои претставници во рамки на факултетите, Универзитетското собрание допрва ќе се формира

По повеќе од 3 години, УКИМ распиша и спроведе избори за студентски претставници, преку кои ќе биде слушнат гласот на студентите во рамките на факултетите и Универзитетот. Младинскиот образовен форум во рамките на проектот „Ангажирање на младите за студентски и младински политики“ спроведе мониторинг на студентските избори на УКИМ.

„Тим од 25 набљудувачи поминаа обука за набљудување и беа присутни на избирачките места во периодот од 15 ноември до 20 декември. Секој од факултетите имаше изборна комисија составена од најмалку 2 професори и 2 студенти.

Генерално, студентските избори беа спроведени без посериозно нарушување на изборниот процес, со исклучок на недостигот од изборен материјал на неколку од гласачките места (недоволно гласачки ливчиња, импровизирани паравани и нетранспарентност на гласачките кутии). На 2 факултети се прегласуваше: Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер и Филозофскиот факултет.

Од јавнодостапните информации и спроведеното теренско набљудување на студентските избори, вкупно 25.444 студенти имаа право на глас на овие студентски избори. За жал, не сите факултети објавија податоци за излезноста на студентите, па од достапните информации на 11 факултети, на кои студираат 59% од студентите со право на глас, излезноста е 14,09%. Оваа релативно ниска излезност се должи на незапознаеноста на студентите со изборниот процес, недостиг од мотивација да се вклучат во студентските тела и кусите рокови за поднесување на кандидатури на студентите и пречистување на избирачкиот список.

Иако Универзитетското собрание сè уште не е формирано поради развлекувањето на изборите на 23 факултети во рамки на УКИМ, факултетските собранија бројат 390 студентски претставници, кои во наредната година ќе се трудат да ги застапуваат интересите на студентите“, информираат од МОФ.

Препораките на МОФ за подобрување на следните избори се во насока на одржување на изборите на сите факултети во пократок период со цел навремено започнување со работа на универзитетското и факултетските собранија, обезбедување на подолг временски период за поднесување на кандидатури од заинтересираните студенти, но и точно, навремено и детално објавување на резултатите од спроведените избори. Потребна е поголема логистичка поддршка од УКИМ на гласачките места на факултетите и ставање на студентското организирање на листата на приоритети на факултетите, со што ќе се поттикне поголема вклученост и поголема излезност на студентските избори.

M.В