/ Прочитано:

2.487

Студентите на „Јустинијан Први“ добија свој гласник: заживеа ново студентско списание за правни науки

Правниот факултет „Јустинијан Први“ отвори ново поглавје во својата научно-образовна дејност: на задоволство на наставниот кадар и на студентското тело заживеа стручното студентско списание на англиски јазик, Iustinianus Primus Student Law Review. Проектирано како иден простор за изнесување на студентските гледишта за разни подробности од областа на правото, новото стручно гласило ќе си бара свое место во јавноста што ја следи расправата за правните феномени. Идејната замисла и целта на проектот, како и првичните впечатоци, ни ги откриваат претставниците на тимот што со вонреден ентузијазам се зафатија со одржување на новиот медиум: проф. Добринка Тасковска, доц. Ненад Гавриловиќ, асс. Катерина Шапкова, Константин Битраков, Маја Вељанова, Божидар Милошевиќ и Сатја Грабулоски.

Иницијативата за создавање стручно правно списание наменето, пред сè, за студентите потекнува од проф. Добринка Тасковска. За оживотворување на идејата беше пресудна поддршката од наставниот кадар на Правниот Факултет, а нејзината примена формално се овозможи со одлуката на Наставно-научниот совет за основање Уредувачки одбор. Како што велат претставниците на Одборот, причината поради која се изнедри идејата за Iustinianus Primus Student Law Review е празнината што постои во поглед на можностите за слободно размислување, за отворање на умот и за изнесување аргументи од страна на студентите во однос на повеќе актуелни прашања. Празнината во таа сфера, потцртуваат од тимот, е присутна во целиот регион додека пошироко во светот одамна е пополнета.

„Главниот мотив, којшто нè поведе кон востановување вакво стручно списание, е фактот што студентите досега немаа вистински медиумски простор во кој би можеле да ги искажат своите ставови во врска со правото или да ги презентираат своите правни анализи поткрепени со знаењето што го стекнале во факултетските клупи, но и надвор од нив. Сред таквите околности, студентскиот потенцијал често остануваше затскриен или, подобро кажано, неоткриен токму поради кусокот од можности за негово изразување пред пошироката јавност. Одборот искрено се надева дека овој проблем во задоволителна мера ќе биде релативизиран по формирањето на новото гласило“, велат од уредничкиот одбор за „Академик“.

Со оглед на тоа што претходно на постоело стручно студентско списание од областа на правото, првиот број бил вистинско изненадување за студентите. Сепак, без оглед на тоа што многубројните реакциите се пријатни уште на самиот почеток, тимот смета оти списанието уште понагласено треба да се промовира, со цел студентите да станат свесни оти постои платформа за пренесување на нивната мисла, а и да се запознаат со ставовите на своите колеги. Првите впечатоци се позитивни и кај професорите и кај студентите. Иако првиот број не е објавен така одамна, веродостојноста на гласилото постепено се зголемува, а фактот што постои интерес за испраќање трудови за објава во вториот број и кај студенти од странски универзитетии дополнително го потврдува тоа.

„Политиката на списанието е да биде во тек со актуелните настани и со темите што го засегаат целото општество и што влијаат врз студентите во поглед на нивните студии и врз нивниот социјален живот. Така, Уредувачкиот одбор има обичај на одредување тематско тежиште за секој број, со цел студентската мисла да се артикулира преку истражување специфични прашања поврзани со една конкретна тема. Ваквиот пристап овозможува низ систематска целина да се види како младата научна популација размислува за дадено прашање. Меѓутоа, истовремено сметаме дека на студентите им е потребен и додатен простор за публикување на нивните истражувања и на трудовите што се однесуваат на подробности вон централната тема, па во вториот број ќе може да се приложат трудови што не се во склад со тематската одредница“, појаснуваат од уредништвото. 

Имајќи наум дека станува збор за студентско списание, називот на списанието, сам по себе, ја носи и тежината на вредноста на проектот, бидејќи трудовите се напишани од личности со веќе изградени ставови. Од досегашното искуство, претставниците на тимот раскажуваат оти примените текстови на трудовите претрпеле одреден број промени пред нивното конечно објавување во првото издание на гласилото, пред сè, во поглед на формата и на начинот на стандардизирање, а се коригирале и мал број печатни грешки. Според тимот, поради недостигот од медиуми за артикулирање на студентската научна мисла, впечатокот дека студентското тело во Македонија има слаба култура на пишување сè уште постои, но искрено се полагаат надежи дека работите во иднина ќе доживеат позитивни промени. Ова списание е чекор напред кон таа повисока цел.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 20.3.2014