СТУДЕНТИТЕ ПО ПРАВО ЌЕ СЕ ОБУЧУВААТ ПРАКТИЧНО: Надградување на академското знаење и подобрување на практичните вештини
На 7 март (вторник) започнува серијата обуки во организација на Академик посветени на практичната едукација на студентите по право и младите правници кои ќе се одржуваат во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик.
Зголемување на компетитивноста и подобро профилирање во правничката професија
Целта на практичните обуки за студентите по право е да се надгради академското знаење на студентите и да се подобрат нивните практични вештини. Со надградувањето на академското знаење и со подобрувањето на практичните вештини, студентите ќе ја зголемат својата компетитивност, со што ќе добијат подобро профилирање во правничката професија, а со тоа и подобра почетна позиција на пазарот на трудот.
Првиот циклус обуки е посветен на пишувањето правни поднесоци и во таа насока, на овие обуки ќе се разгледуваат практичните прашања кои се однесуваат на формата, содржината и начинот на подготовка на тужба, подготовката на жалба, подготовката на договор за купопродажба, статутот на трговските друштва и договорот за друштво и пишувањето управен акт.
Вториот циклус на обуки е посветен на прашањето за структурата на власта во Република Македонија и на овие обуки ќе се говори за прашањата кои се однесуваат на извршните органи, видовите судови, нивните ингеренции и видови одлуки што ги носат. Уставниот суд, исто така, ќе биде едно од прашањата за кои ќе се говори на вториот циклус обуки.
Практични вежби и интерактивност
На обуките за студентите по право ќе бидат реализирани и практични вежби. Обуките ќе бидат концизни и интерактивни и проследени со мноштво практични примери кои ќе ги презентираат искусни предавачи од правната практика.
Стекнувањето на знаењето на обуките, истакнуваат предавачите на обуките, ќе претставува одлична подготовка за практикување на правото, применување на знаењата и стекнување вештини што им се потребни на студентите по право и младите правници за развојот на нивната понатамошна кариера.
Предавачи на циклусот обуки посветени на практичната едукација на студентите ќе бидат: Антоанета Димовска, судија во Основниот суд Скопје 2, Татјана Трендафилова, експерт за јавна администрација и Југослав Ѓеорѓиевски, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација.
Судијата Антоанета Димовска во Основниот суд Скопје 2 работи на граѓанските парнични предмети, а како истакнат судија и правник била предавач на бројни обуки и едукативни настани посветени на судската практика и примената на законите од областа на правосудството.
Државниот советник Југослав Ѓеорѓиевски важи за еден од подобрите познавачи на општата управна постапка и прашањата поврзани со органите на управата, јавниот сектор и државната администрација. Ѓеорѓиевски бил предавач на голем број обуки, советувања и семинари поврзани со управните постапки и јавната администрација.
Како експерт за јавна администрација и европски политики, м-р Татјана Трендафилова има богато искуство во поглед на реформите на државната администрација и важи за еден од најдобрите познавачи на прашањата кои се однесуваат на структурата на власта и на македонското законодавство.
За правниот „занает“ е најважна практиката
„Идејата за овој вид обуки е одлична и верувам дека ќе наиде на добар одѕив, првенствено кај студентите по право, кои во текот на студиите се чини дека не добиваат доволно практични знаења, за да можат веднаш по завршувањето на студиите, без никаков проблем, да се вклучат во професионалната заедница на правници кои го практикуваат правото во приватниот или во јавниот сектор. Впрочем, како и кај секој друг занает, и за правниот ‘занает’, по совладувањето на теоријата, најважна е практиката, а колку што порано се почне со неа, толку подобро. Со оглед на тоа што целта на обуките не е сувопарно повторување на теоретското знаење што се стекнува на факултет, ниту реализација на теоретски предавања ex catedra, верувам дека навистина ќе претставуваат практична помош на студентите и на младите правници во разјаснувањето на она што веќе формално го усвоиле во текот на студиите, а што, сепак, само врз база на теорија нема да бидат во состојба да го применат во практика. Со други зборови, обуките ќе им помогнат на младите правници да се подготват што е можно повеќе за самостојно практикување на правото и да се стекнат, со време, со практични вештини кои ќе им бидат потребни во понатамошната кариера“, вели Тања Трендафилова.
Eден од најефикасните начини за остварување на практичната едукација е едукацијата преку обуки
„Студентите на правните факултети се стекнуваат со теоретско знаење, меѓутоа во нивното правно образование е неопходна и практичната едукација. Имено, практичното и теоретското образование се во меѓусебна врска и таа врска може најдоследно да се оствари преку пренесувањето на знаењето и искуствата од лица кои непосредно се вклучени во практичната примена на правото. Се разбира, концепциски, еден од најефикасните начини за остварување на практичната едукација е едукацијата преку обуки. На овие едукативни настани од практичен аспект доследно може да биде елаборирана подготовката на правните акти и нивното значење во една постапка, потоа да се презентираат разни искуства од судската практика, со што на јасен начин ќе се даде осврт на практичната примена на законодавството, но и на теоријата“, вели судијката Антоанета Димовска.
Академик започнува нов циклус обуки посветени на практичната едукација на студентите по право
(Деталите за практичните обуки за студенти можете да ги погледнете и на следниов линк.)
Циклус 1: „Пишување на правни поднесоци“
- Обука 1: Форма, содржина и начин на подготовка на тужба, практична вежба за пишување тужба – 7 март 2017
- Обука 2: Подготовка и видови жалби, практична вежба за пишување жалба – 15 март 2017
- Обука 3: Подготовка на договор за купопродажба, статут на трговски друштва, договор за друштво – 28 март 2017
- Обука 4: Форма, содржина и начин на подготовка на управен акт, практична вежба за пишување управен акт – 4 април 2017
Циклус 2: „Структура на власта во РМ“
- Обука 1: Преглед на структурата на власта во Р Македонија – 9 март 2017
- Обука 2: Извршни органи – преглед, структура и функција на Владата, на министерствата и на други органи на државната управа (бироа, инспекторати, агенции, центри, служби итн.) – 16 март 2017
- Обука 3: Судска власт – видови судови, нивни ингеренции и видови одлуки што ги носат – 30 март 2017
- Обука 4: Уставен суд – 6 април 2017
За повеќе информации, контактирајте нѐ на practicum@akademik.com.mk или на 02/3232-821.
М.В