/ Прочитано:

4.384

„СТУДЕНТИТЕ СЕ ЛИДЕРИ НА ИДНИНАТА“ – Викторија Спасовска, најдобра студентка на прв циклус на студии во 2015/16 година на „Јустинијан Први“


На денешниот прв академски час на УКИМ кој се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ се обрати и студентката  Викторија Спасовска во својство на најдобра студентка на прв циклус на студии во 2015/16 година.

Без оглед на студиската програма која сте ја одбрале, им порача Спасовска на студентите, вие сте на вистинското место. Овој факултет негува традиција на беспрекорно работење и продуцирање експерти кои се јавуваат во улога на предводници во своите полиња на работа.

„Овој факт во голема мера се должи на наставниот кадар кој знае како да го пренесезнаењето, умее да создаде интересни предавања со интерактивна атмосфера и да ве мотивира активно да се вклучите во проблематиките кои се анализираат.

Друг фактор кој придонесува за успешноста на факултетот се неговиот континуиран напредок и прогресивност, прифаќање на проверените теркови во спроведувањето на наставата и отвореноста за нови идеи во образованието, со цел негово подобрување.

Меѓутоа, успехот на факултетот, без ниту трошка двоумење, може да се припише и на студентите!

Ние сме движечката сила која мотивира да се работи на напредок.

Ние сме креативните умови кои овие благородни професии ги подигнуваат на ново ниво преку пласирање свежи идеи, задржување на корисните принципи на работа, но и коригирање на закоравените практики онаму каде што е потребно.

Поради тоа, иако од нас се очекуваат одговорност и посветеност во студиите, тоа лесно се постигнува бидејќи љубовта кон овие професии нè инспирира постојано да се стремиме кон надградување, читање и учење, за да поставиме длабоки темели на сопственото познавање, да ги надминеме и најлудите очекувања за границите на нашите способности и конечно, со самоувереност и сигурност да ја понесеме улогата на лидери на иднината“, истакна Спасовска.

Како студенти, додаде Спасовска, имаме уникатна привилегија да земеме учество во бројни можности за воншколски активности кои ни стојат на располагање. Тргнувајќи од моето лично искуство, нагласи најдобрата студентка, ве охрабрувам да се пријавувате на конференции, семинари, летни школи и натпревари, да ги развивате вашите дебатни и ораторски вештини, да членувате во образовни организации и уште повеќе, да патувате и истражувате, да се запознавате со колеги од земјата и надвор од неа и да ги одржувате тие контакти.

„Заедно да целиме кон врвот и да избегнуваме да прифаќаме просечност, за да излеземе од овие амфитеатри како независни, способни и совесни професионалци и целата енергија која ја носиме во себе да ја искористиме за да ја креираме иднината што сите ја посакуваме. И она што е можеби најважно од сè е да се дружиме, затоа што така студентските денови ќе ни станат незаборавни“, нагласи студентката Спасовска, која на своите колешки и колеги им посака високи оценки, максимален успех, големо знаење и  огромен успех во, како што подвлече, походите што им следуваат.

(ФОТО) ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“: Студентите се движечка и креативна сила на земјата!

M.В