/ Прочитано:

3.071

Студентска дебата за Европската Унија и натпревар по ораторство на тема: „Ја познавам ли доволно Европската Унија?“

„Студентите ја посакуваат Европската Унија како нивна иднина, но за да се чувствуваат како европски граѓани, потребна им е поголема социјална инклузија, учество во креирањето на политиките кои ги засегаат младите луѓе, како и поддршка при трансферот од образование кон работен однос“, се заклучоците од студентскиот собир на студенти од најголемите универзитети во Република Македонија, кој на Филозофскиот факултет се одржа по повод 9 мај – Денот на Европа.

Собирот беше организиран од  Европското движење во Република Македонија во соработка со Филозофскиот факултет, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и делегацијата на Европската Унија во Р Македонија.

На почетокот на собирот свои излагања имаа: проф. д-р Лена Дамовска, потпретседателот на Владата на Република Македонија, Арбер Адеми, претставникот на делегацијата на Европската Унија во РМ, Јосип Јуриќ, претставникот на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Давор Пашоски и претседателката на Европското движење во РМ, проф. д-р Милева Ѓуровска. Ваквиот тип дебати, беше посочено на собирот, се општествено неопходни во академската средина.

Во рамките на овој собир се реализираше студентска дебата на тема „Европската Унија: Задолжителна или алтернативна опција за студентите“. Модератори на оваа дебата беа: доц. д-р Македонка Радуловиќ од Филозофскиот факултет, г. Јосип Јуриќ од делегацијата на Европската Унија во РМ и проф. д-р Јадранка Мршиќ од Универзитетот „Американ колеџ“. Студентите зборуваа за проблемите со кои се соочуваат, меѓународните искуства и предизвиците кои ги очекуваат.

Овој собир го заокружи натпревар во ораторство на тема: „Ја познавам ли доволно Европската Унија?” На натпреварот учество зедоа студенти од пет универзитети во РМ. Комисијата во состав на претставници на делегацијата на Европската Унија, Европското движење во РМ и Филозофскиот факултет имаше навистина тешка задача при изборот на победници: прво место – Ѕена Анастасова, Универзитет „Американ колеџ“, Скопје;  второ место – Елена Орцева, Универзитет „Гоце Делчев“ Штип; трето место – Теодора Атанасова, Универзитет „Американ колеџ“, Скопје. На првите три места им беа доделени соодветни награди, додека сите учесници добија сертификати од Европското движење во Република Македонија.

„Сите говори изобилуваа со ораторска извонредност, содржинска посветеност и оригиналност, а целиот настан претставуваше вистинска платформа каде што студентите се запознаа, се дружеа и разменија ставови поврзани со европските вредности и интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија“, истакнуваат од Филозофскиот факултет.

М.В