/ Прочитано:

1.401

СТУДЕНТСКИ ПЛЕНУМ: Повик за доставување идеи за измени на Статутот на УКИМ во делот на студентското организирање

Измената во Статутот на УКИМ во делот на студентското организирање беше договорена на вонредната седница на Ректорската управа, која се одржа во јули по изборите за претседател на СПУКМ, кои беа проследени со низа нерегуларности, а состојбата ескалираше со ангажирање на полициската единица Алфи.

Студентски пленум лого

Студентскиот пленум ги повикува колегите, членовите на академската заедница и претставниците на граѓанскиот сектор, кои работат во областа на високото образование, да достават свои предлози за модели на студентско организирање.

Целта на повикот, како што се наведува во соопштението на Студентскиот пленум, е идеите кои ќе бидат доставени да бидат разгледани и да бидат вметнати при креирањето на предлогот за измена на Статутот на УКИМ.

„Иницијативата потекнува од учеството и иницирањето на создавање на работна група во склоп на УКИМ, која ќе има за цел менување на Статутот на Универзитетот во делот на студентското организирање, т.е. студентските парламенти“, велат од Пленумот.

Предлозите можат да се доставуваат на plenum.studentski@gmail.com. Финалниот предлог ќе биде јавно објавен, а за него ќе се дискутира на средбата на Kомисијата за измена на Статутот, која ќе се одржи на 30 август.

Финалните измени треба да бидат готови до 15-ти септември и понатаму ќе се дадат на гласање на Сенатот на УКИМ, велат од Студентскиот пленум.

Измената во Статутот на УКИМ во делот на студентското организирање беше договорена на вонредната седница на Ректорската управа, која се одржа во јули по изборите за претседател на СПУКМ, кои беа проследени со низа нерегуларности, а состојбата ескалираше со ангажирање на полициската единица Алфи.

Ректорската управа на УКИМ ги оцени изборите за претседател на СПУКМ како скандалозни бидејќи во текот на изборниот ден ескалираа со физички пресметки, заплашувања и интервенција на припадниците на полицијата;

Во еден од заклучоците на Ректорската управа на УКИМ, во врска со инцидентите за време на изборите за студентски лидер, таа најостро ги осуди сите форми на насилство во државата, особено сите форми на притисок, психички и физички, врз студентите, преземени од страна на кој било државен орган, организации, поединци или невладини организации и други, и договори промена на Статутот на УКИМ.

М. С.

Ректорската управа ги оцени изборите за студентски лидер како скандалозни и формираше Комисија за испитување на изборите