/ Прочитано:

1.297

Сублимирани мислења, забелешки и предлози за уставните амандмани од универзитетските професори, судии и експерти

Во јавната дискусија по нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија учествувале голем број државни органи, здруженија на граѓани, универзитетски професори и поединци, како и експерти ангажирани од меѓународните институции (Венецијанската комисија при Советот на Европа, Европската комисија) кои до Министерството за правда доставиле свои мислења, забелешки, сугестии и конкретни предлози.

„Во периодот од 30 август до 30 септември 2014 година беа одржани повеќе јавни расправи, и тоа: една јавна расправа во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје, една јавна расправа на Факултетот за безбедност во Скопје, една јавна расправа  на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, една јавна расправа на Државниот универзитет во Тетово, една јавна расправа организирана од Министерството за правда и Собранието на Република Македонија во Собранието на Република Македонија и една јавна расправа на Фондација отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Македонски центар за европско образование и ЛГБТИ Центар за поддршка“, се наведува во Извештајот за резултатите од јавните дискусии.

Во Извештајот се наведуваат и конкретните предлози од универзитетските професори и судии во врска со уставните амандмани. Меѓу нив се инкорпорирани и забелешките на проф. д-р Миодраг Лабовиќ, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, м-р  Јордан Арсов, поранешен судија на  Уставниот суд на Република Македонија, м-р Димитар Апасиев, проф. д-р Владо Поповски,  проф. д-р Сејфула Османи, судијата Јован Јосифовски, судијата Никола Ивановски и други. Исто така, во Извештајот се посочуваат и Заклучоци од научната и стручна расправа за нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија, одржана на 10 септември 2014 во МАНУ.

Дел од размислувањата на стручната јавност:

„Уставното дефинирање на бракот е несоодветно во македонски прилики бидејќи ова е типична законска материја која веќе е уредена со Законот за семејство, кој, по својот правен третман, всушност е еден вид законик, т.е. кодификација на целокупното семејно право во РМ. Впрочем, и сегашниот текст на УРМ пружа доволна уставно-правна заштита на бракот, родителите, децата и семејството – па секое додавање на ваква крута дефиниција која содржи тавтологии и плеоназми (од типот „исклучиво“, „само“ и „еден/една“), од номотехничка гледна точка, е непотребно обременување на уставниот текст. Синтагмите   ’регистрирана   вонбрачна   заедница’   и  ’друг   регистриран облик на животно  партнерство’ се непознати во досегашното наше семејно право и  се косат   со   самата   смисла   и   природа   на   конкубинатот,   односно   т.н. ’див/природен брак’ како облик на вонбрачна заедница кој не може и не смее да биде регистриран од страна на надлежен државен орган – бидејќи во спротивно би се изгубила разликата помеѓу бракот и вонбрачната заедница“ – м-р Димитар Апасиев.

„Пред Европскиот суд за човекови права, ако нешто не било јасно во некој сегмент од апликацијата, биле разгледувани образложенијата со огромна лепеза на предлози, забелешки, разгледување, давање на мислење. Конвенцијата не е променета откога е направена, а се вели дека таа е жив инструмент или тоа што е дадено во таа конвенција треба да се примени и на променетите услови. Ние не можеме за секоја промена да носиме и промена во Уставот, во крајна линија експертите она што значи уставотворец, значи треба да направи таков Устав, треба да состави таков текст што ќе се применува во подолг временски период, а не да биде нејасен и да не може да се толкува тој текст…Во секој случај овие амандмани бараат голема доработка и разработка, и не се толку ургентни. Потребен е друг начин на пристап на измена во овој дел. Доколку во нашиот менталитет не се зајакне мислата дека судството е дел од една држава и дека тоа треба да биде независно и непристрасно, дека таа поделба на власт и тоа владеење на правото треба да биде прописно имплементирано во дадената ситуација и да престанат кои било политички опции да влијаат врз судиите на овој или на оној начин, ние нема да имаме независност, ние во ниеден од овие документи не го разработуваме стандардот на ’objective appeаrs’“ – судијка Маргарита Цаца Николовска.

„Во однос на содржината на Нацрт-амандманот за проширување на надлежностите на Уставниот суд за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот:

– Правно е ирелевантно дали конечно во амандманот ќе се задржи називот ’уставна жалба’ или ќе се именува со ’уставна тужба’ или ’барање за заштита’ бидејќи називот нема принципиелно правно значење, од причина што под трите различни називи се заштитуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот;

– При усвојувањето на амандманот да се утврди моделот на заштита не само на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку и на слободите и правата  од ратификуваните меѓународни договори (моделот на Словенија и Словачка);

– Заштитата да се однесува за повредите на слободите и правата од страна на државните органи, единиците на локалната самоуправа и институциите со јавни овластувања.

Постапката по уставната жалба да се води според одредбите на Законот за постапката пред Уставниот суд, правното дејство на неговите одлуки и нивното извршување, кој закон треба да го предложи Уставниот суд на РМ (Унгарскиот модел), и на тој начин при донесувањето на Законот рамноправно ќе учествуваат Собранието на РМ и Уставниот суд на РМ, што одговара на нивната уставна позиција.

3а воведувањето на жалбата до Уставниот суд на РМ за одлуките за избор, разрешување и изрекување на дисциплински мерки за судиите и јавните обвинители, амандманот е целосно прифатлив и по својата содржина и во основа одговара на ваквиот модел во Франција, Италија и Србија, а одделни уставни експерти оваа жалба ја оценуваат како една варијанта на уставната жалба.

Според моето мислење, треба да се рационализира Нацртот на амандманот за жалбата, поради што предлагам тој да се дефинира на овој начин“, м-р  Јордан Арсов, поранешен судија на  Уставниот суд на Република Македонија.

 „Премногу суштинско прашање поврзано со претходниот нацрт амандман, иако не е дел од предложените Нацрт уставни амандмани,  се однесува за друга државна институција пар екселанс, зрела за промени преку Уставот,  а тоа е Јавното обвинителство. Факт е дека во поголем број земји ЈО е дел од извршната власт. Во наши услови, поради специфичните детерминирачки фактори, ЈО мора да биде оптимално независна институција од Владата. Сега тоа не е така затоа што на предлог на Влада, по претходно прибавено мислење од Советот на ЈО, Главниот ЈО (на РМ) го избира Собранието. Имајќи предвид дека ЈО функционира по принцип на хиерархија и субординација и дека ЈО на РМ има многу големи надлежности и овластувања во однос на другите ЈО, тогаш реално е да го поставиме прашањето: дали овака конципираното ЈО може да одговори на сите предизвици, дури кога би биле во прашање и највисоки носители на власт во Македонија. Ова прашање се изострува уште повеќе, независно од тоа која е персонификацијата на функцијата ЈО на РМ, особено сега кога знаеме дека според новиот ЗКП, ЈО е главен координатор на целокуоната претходна постапка, Затоа сметам дека пропустот од 2005 година сега не треба да се повтори. Во таа насока предлагам ЈО на РМ да се бира од Советот на ЈО, во постапка како и за сите други ЈО, со тоа што условите и критериумите за избор на Главниот ЈО (на РМ) треба да бидат според повисоки професионални стандарди отколку за другите ЈО“ – Проф. д-р Миодраг Лабовиќ. 

>>>Мислења, забелешки и предлози во  Извештајот за резултатите од јавните дискусии по нацртот на уставните амандмани

ПРОФ. Д-Р ДЕЈАН МИЦКОВИЌ: „Менување на Уставот во овој момент е нецелисходно, постојат и други клучни прашања за реформа на семејното законодавство“ 

ПРОФ. Д-Р АЛЕКСАНДАР КЛИМОВСКИ: „Регулирањето на финансиската зона со уставна норма не е само прерогатив, туку е нужна потреба“

М.В/veljanoskim@akademik.mk

20.1.2015