/ Прочитано:

1.374

Субверзивен фронт: Потребни се итни промени во законската регулатива за заштита на правата на ЛГБТИ-заедницата

На конференцијата беше посочено дека досега во земјава не е решен ниту еден случај на напад на лице припадник на ЛГБТИ-заедницата, не е изречена ниту една казна и тие дела се заглавени во лавиринтот на правосудните институции. Анализата на здружението „Субверзивен фронт“ препорачува дека Македонија треба да започне со измена и дополнување на Законот за спречување на дискриминацијата, а потоа да премине на сите останати закони во кои треба да се воведат одредбите во однос на правата на ЛГБТИ-заедницата. Најважно од сè е нивна имплементација.

ЛГБТИ

Македонија сè уште значително заостанува зад земјите во Југоисточна Европа во однос на усвојувањето и спроведувањето на закони и политики за заштита и спречување на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, беше истакнато на денешната прва Национална конференција на ЛГБТИ-заедницата организирана во Македонија од страна на здружението „Субверзивен фронт“.

На денешната дебата, на која беше презентирана анализата за правата на припадниците на ЛГБТИ-заедницата, во пресрет на предвремените парламентарни избори, претседателот на „Субверзивен фронт“, Антонио Михајлов, истакна дека нивното истражување покажува дека правата на припадниците на ЛГБТИ-заедницата не се застапени во платформите на политичките партии и онаму каде што се застапени станува збор за политички партии со мала политичка моќ и влијание.

„Мора да работиме на искористување на ЕУ-пристапните процеси за унапредување на правата на ЛГБТИ. Европската Унија е главен двигател во однос на промените на положбата и унапредување на правата на овие лица, а позитивен пример за тоа е Хрватска. Пред стапувањето на оваа држава во Европската Унија во 2013 година таму беше целосно сменета законската рамка во насока на заштита на ЛГБТИ-заедницата, па така сега легислативата на Хрватска е една од најдобрите во Европа“, нагласи Михајлов.

Тој потенцираше дека анализата на законодавството на Македонија во однос на дискриминацијата заснована на сексуална ориентација и родов идентитет посочува дека има недостиг од инклузија на припадниците на ЛГБТИ-заедницата во сите сегменти во општеството, а има и недостиг на внатрешна хармонизација на националната легислатива со Законот за спречување на дискриминација и меѓународните стандарди.

„Ова го сфаќаме како рефлексија на хомофобичните ставови во општеството, кои им налагаат на политичките партии да ја избегнуваат практиката јасно и гласно да застанат зад правата на овие лица. Единствена партија која одговори дека на своите партиски листи има ЛГБТИ-лице е Либералната партија“, истакна Михајлов.

На денешната дебата присуствуваа амбасадорот на Холандија во Македонија Ваутер Пломп и заменик-амбасадорот на Франција Доминик Готје, според кои најважна е улогата на граѓанските здруженија кои мора да работат на подигнување на јавната свест дека не смее да постои нетолеранција и дека човековите права подразбираат еднакви права за сите граѓани во една демократска и современа држава.

„Разновидноста е богатството на една држава, токму затоа државните институции и власта мора први да ја почитуваат разновидноста. Мора сите заеднички да се бориме за правата на луѓето. Македонија презема добри чекори во однос на заштитата на правата на ЛГБТИ-заедницата, но како и во секое општество останува уште доста работа на ова поле“, рече Пломп.

На конференцијата беше посочено дека досега во земјава не е решен ниту еден случај на напад на лице припадник на ЛГБТИ-заедницата, не е изречена ниту една казна и тие дела се заглавени во лавиринтот на правосудните институции.

Анализата на здружението „Субверзивен фронт“ препорачува дека Македонија треба да започне со измена и дополнување на Законот за спречување на дискриминацијата, а потоа да премине на сите останати закони во кои треба да се воведат одредбите во однос на правата на ЛГБТИ-заедницата. Најважно од сè е нивна имплементација.

Една од препораките е и дека треба да се иницираат амандмани на Кривичниот законик кои ќе вклучат дефиниција за кривично дело од омраза и ќе содржат бројни основи, вклучувајќи ја сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Авторите на анализата сметаат дека во однос на оваа препорака треба да бидат земени предвид две опции – да се предвидат построги казни за кривичните дела предизвикани од омраза  и при одредување на казната во законски предвидениот минимум и максимум да се земе предвид мотивот како отежнувачка околност за сторителот на делото.

Исто така, во анализата се препорачува во блиска иднина да се усвои предлог-закон за регистрирани партнерства, со кој истополовите двојки би ги уживале истите права како и хетеросексуалците.

Кампањите за подигнување на свеста и искоренување на предрасудите што постојат во македонското општество во однос на луѓето кои припаѓаат на ЛГБТИ-заедницата мора да бидат постојано присутни.

А. Б.