/Прочитано:

695

СУДЕЊЕ „АГЕНТ“: Неуредна покана ја одложи јавната седница на Апелација за септември

Петок, 27 јули 2014 –  Поради неуредно доставена покана до еден обвинетите, јавната седница на Апелација за случајот познат во јавноста како „Агент“ се одложи за септември.

Речиси седум месеци од донесувањето на првостепената пресуда за случајот „Агент“ кој опфаќа шест лица, меѓу кои скопските адвокати Васко Томановиќ и Владо Пешликоски, како и поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, денеска во Апелациониот суд Скопје требаше да се одржи јавна расправа по жалбите на обвинетите, но истата се одложи за 12 септември поради неуредно доставена покана до еден од обвинетите. 

Судењето за „Агент“ траеше два месеца. Шесттемина обвинети според Обвинителството заработиле над еден милион евра од малверзации со градежно земјиште. Обвинетите се товарат дека ги зеле парите за лажно посредување во раскинувањето на договорот за купопродажбата на земјиште кај СЦ „Борис Трајковски“, меѓу Министерството за транспорт и врски и кипарската фирма „Централ Балкан инвестмент ЦБИ“, иако договорот веќе бил раскинат, а подоцна истото го купил словенечки „Меркатор“. Тие во текот на процесот го негираа обвинението и тврдеа дека со договорот за купопродажба на земјиштето во Карпош,  ја спасиле Македонија од тужба пред арбитражен суд бидејќи продала земјиште што било за денационализација.

Со пресудата на Основниот суд Скопје 1 првообвинетиот Васко Томановиќ доби 3 години затвор за перење на пари и за злоупотреба на службената положба. Митја Валиќ, кој беше обвинет во улога на претставник на „Меркатор“ и на кого му се судеше во отсуство,  е осуден на 2 години затвор за злоупотреба на службената положба. По 2 години затвор за перење пари добија адвокатот Владимир Пешликовски и поранешниот разузнувач Слободан Богоевски. Условна осуда од две години доколку во наредните 4 години го повторат делото, судот им досуди на Даниела Трајковска и на словенечкиот државјанин Ален Јегени. Според пресудата, обвинетите треба да и платат штета на државата во висина од 850.000 евра, средства за кои се смета дека се стекнати со дејство на кривичните дела злоупотреба на службената положба и перење пари. 

Обвинетите се бранат од слобода, откако првостепениот суд при изрекувањето на пресудата им го укина притврот до правосилноста.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)