СУДЕЊЕ „Бришач 1“: Соучесниците во сообраќајките тврдат дека не ги местеле истите, повреди имало, штетата ја наплаќале преку нивните адвокати

Петок, 7 јуни 2012 – Исто како и полициските службеници и соучесниците во сообраќајките се бранат дека не ги местеле, а штетата си ја наплатиле преку своите адвокати. Наводно некои од нив меѓусебно не се ни познавале. Денеска во судница осуммина обвинети раскажаа како се случиле сообраќајките и како дошле до парите од осигурителните компании. 

Со акцијата „Бришач“ уапсени беа 56 лица,  станува збор за поранешни и сегашни полициски службеници од Одделението за вршење увид на сообраќајни незгоди, крим техничари за сообраќај, но и лица учесници во фингираните сообраќајки. Според обвинението тие местеле стари и ошететени автомобили на патот во положба како да се случило удар. Потоа се јавувале во 192 и пријавувале сообраќајна незгода. Доаѓале обвинетите полицајци и правеле лажни записници за извршен увид и скици од увидот. Истиот записник се праќал во осигурителните компании, поднесувале пријави за надомест на штета од каско осигурувањето на возилото, осигурување од автоодговорност, барале наплата на материјални и нематеријални штети.

>> Предметот целосно проследете го тука.

Тек на рочиштето

12:35 – Судењето заврши, следното рочиште е закажано  за 12.06. 2012 година во 10:00 часот.

12:25 – Обвинетиот Митре Серафимовски остана на исказот пред истражен судија и рече дека никогаш не учествувал во сообраќајна незгода.

12:15 – Обвинетиот Антон Вузај кој е сопственик на маздата и моторот со кои двајца од обвинетите направиле сообраќајка, рече дека  не земал никаква оштета и нема никаква врска со сообраќајките.

12:00 – Обвинетиот Жарко Ѓорѓиевски со маздата на обвинетиот Антон Вузај се судрил со лада самара во населбата „11 Октомври“. Во сообраќајната незгода тој се здобил со две напукнати ребра, а децата што биле со него во возилото имале  потрес на мозок. Немал алкохол во крвта. Возилото го поправил со оштетата што ја добил од осигурителна компанија. За телесни повреди земал 350.000 денари оштета.

11:35 – Обвинетиот Мартин Арсовски даде исказ. Тој го купил возилото „Застава 128“ во 2009 година и истото го поседувал до почетокот на март 2011 година. Во март 2011 го заменил своето возило со возилото „Хонда“ на Александар Трпчев и му доплатил 200 евра, но за размената не склучиле писмен договор. Возилото сеуште се води на негово име. Александар Трпчев потоа направил замена на возилото  „Застава 128“ со трето лице. На денот на сообраќајната незгода со возилото  „Застава 128“ обвинетиот Мартин Арсовски бил повикан да дојде на местото на настанот бидејќи сообраќајната сеуште се водела на  негово име.

11:05 –  Пауза до 11: 30.


10:50 – Обвинетиот Димитар Митевски останува на изјавата дадена пред истражен судија. Кога се случила сообраќајката немал алкохол во крвта, поседувал возачка дозвола. Не знае дали возилото му е регистрирано, бидејќи возилото било на неговиот братучед. На прашање на неговиот бранителот Стојанчо Геровски обвинетиот одговори дека ренген снимката споменета во обвинението не е од сообраќајна незгода за која се товари туку од друга сообраќајка. Обвинетиот го земал возилото само тогаш кога се случила сообраќајната незгода за да ја префрли својата сестра.

10:35 – Обвинетиот Маријан Кузмановски во истрагата се бранел со молчење, денеска зборуваше. Втората сообраќајка се случи во населбата „Кисела Вода“. Кузмановски раскажа за сообраќајката со обвинетиот Жарко Ивановски. Обвинетиот Ивановски го удрил со возило „Мазда“, а тој бил пешак. Не се познавале меѓусебе, а Кузмановски се здобил со скршеница на десната рака, набиеница на десната нога и внатрешно крварење. Штетата ја надоместил во износ од 200.000 денари преку адвокатот Митко Китровски  на којшто му потпишал уредно полномошно.

10:30 – Обвинетиот Иванчо Бојковски останува на  исказот даден пред истражен судија. Тој рече дека  не е вистина за тоа што го товарат. Бојковски се познавал со обвинетиот Живко Ивановски. Од сообраќајката земал оштета од 25.000 денари преку овластен адвокат за кој потпишал полномошно. Полномошното не се потпишало во канцеларијата на адвокатот туку кај нотар.

10:25 – Судењето почна со Ријад Алији. Обвинетиот остана на исказот даден пред истражен судија со којшто го признал делото.

10:20 – Обвинетиот Жарко Георгиевски на кој му се судеше во отсуство бидејќи беше во бегство, денеска е присутен на рочиштето и се очекува после првата пауза да даде исказ.

10:12 – Судењето почна.