/ Прочитано:

1.173

Судење „Бришач 1“: Како е изведен заклучокот дека сообраќајките се лажни, прашаа адвокатите

Среда, 19 септември 2012 годинаАдвокатите контра вештаците, се полемизираше дали станува збор за наместени или случајни сообраќајни незгоди. Бранителите бомбардираа со прашања до вештаците за конкретни сообраќајни незгоди. Се интересираа за трагите на кочење, поставеноста на возилата, стручноста на вештаците, а најмногу ги засегаше заклучокот на вештите лица дека станува збор за фингирани сообраќајки. Судскиот процес продолжува со изведување на докази прибавени со посебни истражни мерки. 

Во акцијата „Бришач“, уапсени беа 56 лица. Според обвинителството тие местеле стари и оштетени автомобили на патот во положба како да се случило удар. Потоа се јавувале на 192 и пријавувале сообраќајна незгода, а на лице место обвинетите полицајци ги изготвувале записниците. Истиот записник се праќал во осигурителните компании, поднесувале пријави за надомест на штета од каско осигурувањето на возилото, осигурување од автоодговорност, барале наплата на материјални и нематеријални штети. Бидејќи се воделе две истраги, обвинетите се поделени во два предмети.

>> Предметот „Бришач 1“ целосно проследете го тука. 

Тек на рочиштето 

12:40 – Судскиот процес продолжува на 28.09.2012 година во 10 часот. За наредното рочиште е предвидено изведување на докази прибавени со посебни истражни мерки, па заради тоа јавноста ќе биде исклучена.

12:30 –  На пултот во судницата застана и вториот вештак од Бирото за судски вештачења. Адвокатите овојпат му поставуваа општи прашања поврзани со  неговата пракса како вештак, а се однесуваат на заклучоци дека станува збор за наместени сообраќајки. Вештакот потенцираше дека првпат работи на ваков случај, но во зависнот од индивидуалното искуството на увидните екипи, тие можат да констатираат дали станува збор за фингирање.

12:00 – Трагите од кочење, растојанието на движење, местоположбата на запрените возила, нивната техничка неисправност, скиците како и фотографиите од незгодите. Преку детално објаснување, адвокатот Боро Тасевски бараше од вештакот да го објасни начинот со кој вештаците дошле до заклучот дека станува збор за наместена сообраќајка. Уште еднаш вештакот се повика на материјалните докази и прибавената документација од кои вештаците го изготвиле наодот.

11:45 – Бранителот на првообвинетиот, адвокатот Иванка Јакимовска се интересираше за конкретна сообраќајка во која учесниците биле со автомобил и моторцикл. За оваа сообраќајка вештакот појасни дека наодот е направен врз основа на прибавената документација, а на увид ги немале возилата. Јакимовска бараше објаснување според кои критериуми вештаците заклучуваат дека се работи за фингирана сообраќајка. Вештакот даде објаснување дека самата поставеност на запрените возила според законите на физиката покажуваат дали незгодата е намерна или случајна. Појасни дека постојат толерантни граници од плус или минус 10 %, но тие не биле решителен фактор.

11:15 – Адвокатот Дејан Дончевски имаше прашања за истата сообраќајка, односно за колку време бил извршен наодот и дали ноќните услови може да имаат влијание врз наодот. Вештакот прецизно ги наброја параметрите врз кои се врши вештачењето, односно тоа е скицата од настанот, записникот од увидот, фото документацијата и дополни дека секогаш се земаат во предвид и останатите услови, а според него за да се направи издржано вештачење потребна е детална анализа.

10:40 – Вештакот од Бирото за судски вештачење им одговараше на прашања на бранителите во однос на конкретни сообраќајни незгоди. Адвокатот Стојанче Геровски бараше од вештакот детално да одговори за трагите на кочење во конкретна сообраќајка, кој со која брзина се движел, растојанието меѓу учесниците во незгодата и нивниот непосреден контакт. Вештакот одговори за дадена сообраќајка во која има едно возило и еден велосипед и дека од нивната поставеност  се утврдува дали при сударот е можно велосипедот да се најде пред возилото.

10:30 – Судијата нотираше дека присутни во судницата се обвинетите, нивните бранители, претставниците од осигурителните компании и вештите лица. Бидејќи се исполнети условите за одржување на главен претрес, рочиштето почна.