/ Прочитано:

1.374

СУДЕЊЕ „Бришач 1“: Претставници од осигурителни компании си ги бараат парите од исплатените штети

Четврток, 28 јуни 2012 – Претставници од осигурителните компании „Кјуби осигурување“, „Уника“, „Винер“ и „Триглав“ кои денеска во судот зборуваа во својство на оштетени си ги побараа парите што ги исплатиле за сообраќајките. На предлог на обвинителството зборуваше и претставник на МВР кој проговори за работата на обвинетите крим техничари. Според него тешко се препознава фингирана сообраќајка. 

Во акцијата „Бришач“  уапсени беа 56 лица. Според обвинителството тие местеле стари и оштетени автомобили на патот во положба како да се случило удар. Потоа се јавувале во 192 и пријавувале сообраќајна незгода, а на лице место обвинетите полицајците ги изготвувале записниците. Истиот записник се праќал во осигурителните компании, поднесувале пријави за надомест на штета од каско осигурувањето на возилото, осигурување од автоодговорност, барале наплата на материјални и нематеријални штети. Бидејќи се воделе две истраги, обвинетите се поделени во два предмети.

>> Предметот „Бришач 1“ целосно проследете го тука.


Тек на рочиштето

12:20 – Претставникот на МСЦР (Центар за социјална работа), Тамара Мартиновска рече дека обвинетиот малолетник М.Ј. покажува зрелост, се труди да ја врати довербата кај родителите и се кае за непромисленоста. Следниот главен претрес е закажан на 12.07.2012 во 10 часот. За следното рочиште е предвидено преставниците од осигурителните компании да ги достават  деталните прегледи  за исплатената штета за сообраќајките. Судот бара појаснување кому, колку и како легнувале парите од осигурителните компании на сметките на обвинетите.

11:20 – На предлог на обвинителството зборуваше и претставникот на МВР, Владо Илиевски, кој е вработен во Одделението за вршење на увид на сообраќајни незгоди. Илиевски ја објасни постапката што следи по сообраќајна незгода. Тој наведе дека по извршениот увид на лице место и по разговорот со докторите, доколку има повредени се составува записник во кој се приложуваат скиците и сликите од местото на незгодата, а печат се става на целосната документација во администрација, односно не го ставаат самите обвинети како што се тврди во обвинението. Според него, бидејки крим – техничарите работат со стара техника и сеуште сликите се развиваат од филм  во неколку наврати се има случено сликите да не се развијат. Илиевски појасни дека само дел од обвинетите крим техничари делумно се компетентни за своите работни места односно секоја сообраќајка е посебна сама за себе и тешко може веднаш да се утврди дали сообраќајката е фингирана или не.  На прашање на адвокатот Раде Бурјаковски дали има забележано дека истите лица се јавуваат како учесници, претставникот објасни дека поради електронскиот систем со кој се евидентираат лесно може да се види кој и каде учествувал во сообраќајна незгода.

11:00 – За разлика од компанијата „Винер“ од осигурителната компанија „Триглав“ бараат оштета од 2,192.556.00 денари.  Најголем дел од обвинетите биле осигуреници во оваа компанија.

10:55 – Претставникот на осигурителна компанија „Винер“ објасни зошто компанијата „Винер“ не ја исплатила штетата на барателите. Медицинската документација што ја приложиле барателите била за месец септември, а несреќата се случила во месец февруари. Според компанијата ова било невистинита документација.

10:35 – Претставник на осигурителната компанијата „Уника“, спрема обвинетиот Маријан Кузмановски побара оштетно побарување во износ од 200,000.00 денари.

10:20 – Претставникот на „Кјуби Осигурување“  предјави штета за материјална и нематеријална штета во износ од 182,159.00 денари. Претставникот како оштетено лице бара да се исплати штетата што ја исплатила компанијата на обвинетите. Судот го задолжи на наредниот главен претрес да достави детален преглед за исплатената штета за сообраќајките за да се разјасни на  кои учесници, колку пари,  и по кој основ  им е исплатена штетата.

10:05 – Судењето почна.