Судење „Бришач“: Судењето се одложи, еден од вештаците не е вратен од годишен одмор

Понеделник, 3 септември 2012 – Судењето се одложи поради отсуство на еден од вештаците, кој го известил судот дека е на годишен одмор. Обвинетиот на кој минатиот пат судот му одреди притвор, се уште не е достапен за органите на прогон. За следното рочиште предвидено е судот детално да ги разгледа извештаите за исплатените штети за сообраќајките. 

Во акцијата „Бришач“, уапсени беа 56 лица. Според обвинителството тие местеле стари и оштетени автомобили на патот во положба како да се случило удар. Потоа се јавувале во 192 и пријавувале сообраќајна незгода, а на лице место обвинетите полицајците ги изготвувале записниците. Истиот записник се праќал во осигурителните компании, поднесувале пријави за надомест на штета од каско осигурувањето на возилото, осигурување од автоодговорност, барале наплата на материјални и нематеријални штети. Бидејќи се воделе две истраги, обвинетите се поделени во два предмети.

>> Предметот за случајот „Бришач 1“ целосно проследете го тука. 


Тек на рочиштето

11:10 – Условите за одржување на главниот претрес не беа исполнети бидејќи еден од вештаците не е вратен од годишен одмор. Обвинетиот Жарко Ѓорѓиевски повторно не беше присутен бидејќи сеуште не е достапен за органите на прогон, а минатиот пат судијата му одреди мерка притвор. Неговиот адвокат на минатото рочиште го извести судот дека семејството на обвинетиот го информирало дека тој е на кратко заминат за Авганистан. Следното рочиште е закажано за 12.09.2012 година во 10 часот. Процесот треба да продолжи со разгледување на извештаите за исплатените штети од сообраќајките.

11:00 – Рочиштето почна со доцнење од половина час.