Судење „Детонатор“: И оштетениот Драганчо Стоименов обезбедувал локали во Кочани
Вторник, 6 ноември 2012 – Дуќанџии од Кочани и нивни вработени денеска во судница раскажуваа за нивната соработка со агенцијата за обезбедување „Титан груп“. Во текот на сведочењето се откри дека и оштетениот Драганчо Стоименов „Дацо“ бил сопственик на агенцијата за обезбедување „Фиби“ преку која се обезбедувале локали во Кочани. Претходно, брачниот пар Стоименови тврдеа дека немаат никакви допирни точки со обвинетите. Дел од сведоците го променија ставот, во истрага рекле дека обвинетите сееле страв, сега тврдеа дека доброволно без закани ги потпишувале договорите со „Титан груп“.
Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.
>> Предметот за случајот Детонатор проследете го тука.
Тек на рочиштето
13:35 – Судењето продолжува на 14.11.2012 година во 10:30 часот. Судот повика уште четворица сведоци кои треба да сведочат за нивната соработка со агенцијата за обезбедување „Титан груп“.
13:00 – Последен сведочеше менаџерот на кафулето „Меџик“ кое се наоѓа во ТЦ Кочани. Тој појасни дека сопственикот живее во Швајцарија, па затоа тој редовно му пријавувал расходи и приходи и му праќал месечни извештаи за текот на состојбата во кафулето. Објасни дека како овластен застапник потпишал договор за обезбедување со агенцијата „Титан груп“. Со месеци плаќал фактури, но како што рече никој од агенцијата не се појавувал во кафулето, фактурите ги наоѓал оставени на шанкот, а никогаш не ги прашал вработените кој ги носи фактурите. За дел од обвинетите рече дека ги знае од видување и никогаш немал проблеми со нив. Појасни дека тие доаѓале како гости во кафулето и редовно си ги плаќале сметките. Рече дека обвинетите немаат никаква врска со обезбедувањето, никогаш не му дале понуда, ниту му се обратиле во врска со агенцијата „Титан груп“.
На прашање на судот, зошто го потпишал договорот за обезбедување ако во кафулето никогаш немало проблеми, сведокот погледна кон судот, ги крена рамениците, а потоа наведе: „Не знам зошто, па и претходно кафулето беше обезбедувано од друга штипска агенција наречена „Фиби“.
Откако сведокот одговори дека пред „Титан груп“ да го обезбедува кафулето, истото било обезбедувано од штипска агенција „Фиби“, дел од одбраната и првообвинетиот Игор Горански му поставија прашања на сведокот.
Според зборовите на сведокот, сопственик на агенцијата Фиби“ бил оштетеното лице Драганчо Стоименов викан „Дацо“. Обвинетиот Горански сакаше да знае дали „Дацо“ правел инциденти во кафулето, а бранителот на третообвинетиот Жан Железарски, адвокатот Донче Наков праша колку „Фиби“ месечно наплатувала за обезбедување и дали службени лица навистина вршеле обезбедување на кафулето со тоа што дали доаѓале и седеле во локалот.
Сведокот појасни дека откако тој е менаџер, оштетениот Стоименов немал направено инцидент, на „Фиби“ и плаќал по 1800 денари месечно, а исто како и од „Титан груп“ така ниту од „Фиби“ никогаш не доаѓале службени лица да го обезбедуваат локалот.
12:30 – Oштетениот Јордан Јованов е сопственик на интернет кафуле кое се наоѓа во ТЦ Кочани. Како што рече во кафулето дошле неколку лица, му дале понуда за обезбедување на објектот. Му се претставиле дека се од агенцијата за обезбедување „Титан груп“. Им одговорил дека му треба време да размисли пред да го потпише договорот. По некое време, се сретнал со лице од агенцијата и го потпишал договорот за 1000,00 денари месечно. Според неговото раскажување, еднаш месечно лице од агенцијата му носело фактура, тој редовно си ги плаќал фактурите, никогаш немал проблеми ниту со обвинетите, ниту пак некој му се заканувал за да го потпише договорот и да плаќа месечен износ.
11:45 – По Илиев, сведочеше оштетениот Марјанче Иванов, сопственик на кафеана што се наоѓа во ТЦ Кочани. Како што вели, во јануари 2010 година, обвинетите Ташко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски и уште две лица биле на доручек во кафеаната и му понудиле договор за обезбедување и без никакви закани тој го потпишал договорот. Оштетениот, потенцираше дека истите обвинети, биле негови редовни гости, секогаш си ги плаќале сметките, биле коректни со него и со неговиот персонал. Тврди дека немал секојдневна потреба од обезбедување, но сакал да му ја обезбедуваат кафеаната. Откако судијата, Весна Димишкова констатираше дека ошететниот отстапи од исказот даден пред истражен судија, му го преточи тогашниот исказ каде вели: „Не сакав да си правам проблеми бидејќи ги знам овие лица и прво што помислив дека ако не го потпишам договорот може да ми направат штета во локалот, па затоа се договoривме да им плаќам по 3000,00 денари месeчно“.
По ова следуваше прашање од судијата до оштетениот, кој исказ е точен, на што Иванов одговори дека е точно тоа што го кажува денеска.
Договорот како што вели го потпишале на 1 година, но тој плаќал се до акцијата вo Кочани, односно цели 2 и пол години. Тврди дека тоа било по негова вина, заборавил дека договорт е истечен поради тоа што има многу обврски во кафеаната.
10:55 – Прв на клупата за сведоци, Саве Илиев, вработен во спортска обложувалница што се наоѓа во Кочани. Според зборовите на сведокот, пролетта 2011 година, во обложувалницата дошол обвинетиот Горан Божиновски, заедно со уште едно лице од Штип кое што се претставило како еден од сопствениците на агенцијата за обезбедување „Титан груп“. Тврди дека во телефонски разговор со сопственикот на обложувалницата кој бил надвор од градот без никаква закана му понудиле да склучат договор за обезбедување. По овој разговор следувал и договорот за обезбедување, по што еднаш месечно редовно доѓало по едно лице да носи фактури. На прашање на судот, дали имало потреба за обезбедување на објектот, Илиев одговори дека имало потреба, што е спротивно на исказот даден во истрага, каде сведокот рекол дека обложувалницата немала потреба од обезбедување.
10:50 – Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.