/ Прочитано:

1.615

Судење „Детонатор“: Не можев ништо да сторам, немав на кого да се пожалам, само седев и си трпев, тврди оштетениот кој според обвинителството бил жртва на рекет и лихварство од страна на обвинетите

Вторник, 30 октомври 2012 – Исказ пред судскиот совет во својство на оштетени, денеска дадоа четири лица. Најпрвин сведочеше оштетениот Александар Наунов, сопственик на пицерија во Кочани. Според сведочењето на Наунов, обвинетите Сашко Стојчев и Горан Божиновски, дошле во пицеријата и му понудиле да склучи договор за обезбедување со агенцијата „Титан груп“. Како што вели, во тој момент немал потреба од обезбедување, но бидејќи тоа било пракса во Кочани, ја прифатил понудата и усно се договориле да им плаќа по 3000,00 денари, од кои 1000,00 преку компензација. Тврди дека обвинетите му правеле проблеми и не ги плаќале долговите, но не ги пријавувал бидејќи сметал дека само ќе си направи проблеми. Пред судот се изјаснија уште неколку сведоци кои потврдија дека и плаќале месечен износ на агенцијата за обезбедување, но никој од нив немал проблеми со обвинетите. 

Четвртообвинетиот Горан Божиновски (средина)

Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

>> Предметот за случајот Детонатор проследете го тука.

Тек на рочиштето

14:30 – Судењето продолжува на 06.11.2012 година во 10:30 часот. Судот повика уште неколку сведоци кои треба да зборуваат за своето искуство со агенцијата за обезбедување „Титан груп“ и нивните контакти со обвинетите.

14:00 – Оштетената Стефка Алексова Ѓеоргиевска, сопственичка на продажен салон за компјутерска техника рече дека имала договор со веќе споменатата агенција за обезбедување. Појасни дека склучила договор бидејќи претходно имало кражба во нејзиниот дуќан, а бидејќи сите дуќанџии биле обезбедени преку истата агенција и Алексова се одлучила да побара обезбедување. Рече дека никој не и се заканувал, редовно си ги плаќала фактурите и немала проблем со ниту еден од обвинетите. Слично како и нејзе, сведочеше уште еден сведок кој исто така е дуќанџија од Кочани.

13:00 – По Наунов, сведочеше оштетениот Сашо Апостоловски, исто така сопственик на пицерија што се наоѓала во центарот на Кочани. Како што рече, дел од обвинетите дошле кај него на ручек во пицеријата, му понудиле објектот да си го осигура преку агенцијата за обезбедување „Титан груп“. На судот му појасни дека иако немал потреба од обезбедување, тој го потпишал договорот што му го понудиле бидејќи таква била праксата во Кочани, односно сите објекти во центарот биле обезбедени преку „Титан груп“, па тој не сакал да се двои од другите дуќанџии.

„Нас како дуќанџии, никој не не присилуваше да ги потпишеме договорите, ниту некој ни се закануваше, едноставно ни беше јасно , со нив моравме да потпишеме договор“, рече сведокот.

Месечно плаќал по 1400,00 денари на фактура, но на судот јасно му кажа дека него не му биле проблем овие пари, па затоа никогаш не се пожалил. Се до 1 април 2012 година кога беа уапсени обвинетите, тој редовно си плаќал, а никогаш немало инцидент ниту потреба да повика некој од обезбедувањето на агенцијата. Обвинетите Жан Железарски, Горан Божиновски, Сашко Стојчев вели дека ги знае од детството. Тврди дека не му правеле проблеми, а кога доаѓале во неговата пицерија редовно си ги плаќале сметките.

12:00 – Оштетениот раскажа и за инцидент што се случил во неговата пицерија, односно обвинетиот Стојчев нервозно фрлал шишиња и столочиња низ објектот. Меѓутоа како што вели, разбрал дека второобвинетиот Стојчев во тој период имал смртен случај, па одлучил да не му спомне да си ја плати шетата.

– „Живеам во Кочани, a знаете дека тоа е мало гратче, доколку пријавев во полиција ќе си направев проблеми, а ништо немаше да решам“, одговори на прашањето на судијата Весна Димишкова, зошто им ги простувал проблемите и долговите.

11:05 – На пултот пристапи оштетениот Александар Наунов, сопственик на пицеријата „Пиаца“ што се наоѓа во трговскиот центар – ТЦ Кочани. Според сведочењето на оштетениот, обвинетите Сашко Стојчев и Горан Божиновски, дошле во пицеријата и му понудиле да направат договор за обезбедување со агенцијата „Титан груп“. Како што вели, во тој момент немал потреба од обезбедување, но бидејќи тоа било пракса во Кочани, ја прифатил понудата. Тврди дека договор ниту потпишал, ниту го заверил, усно се договориле да плаќа по 2000,00 денари месечно и по 1000,00 денари преку компензација. Според на Наунов, по ова обвинетите често доаѓале во пицеријата правејќи му сметки во висина од 3000,00 – 5000,00 денари и одбивајќи да ги платат истите, бидејчи му го обезбедувале објектот. Оштетениот некогаш не им ја платил договорената сума, но како што вели морал да трпи и молчи.

„Не можев ништо да сторам, немав на кого да се пожалам, само седев и си трпев“.

Вели дека обвинетите Стојчев, Божиновски, Железарски и Арсов ги познава уште од детството, но посочи дека Железарски, секогаш си ги плаќал сметките кога доаѓал сам, но кога доаѓал во друштво на останатите, направената сметка ја плаќал подоцна, односно не пред нив. За Божиновски рече дека си ги плаќал сметките само кога седел со странки од работа.

11:00 – Со доцнење од половина час, старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.