/ Прочитано:

1.382

СУДЕЊЕ „Детонатор“: Адвокатите уверуваат — нема докази за обид за убиство, ниту за закани и присилби

Понеделник, 10 јуни 2013 – Адвокатите во своите завршни зборови упатуваат на недостиг на докази и ја доведуваат во прашање веродостојноста на исказите на сведоците.  Одбраната ги негира тврдењата на обвинителството дека мотивот за обидот за ликвидација е всушност „безобзирна освета“. Според нив, во судница не се појавил ниту еден доказ кој може да го докаже обидот за ликвидација на оштетениот Драганчо Стоименов, ниту наводните закани кон кочанските дуќанџии за да и’ плаќаат месечно обезбедување на агенцијата „Титан Груп“. 

Најпрвин, предметот се водеше против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство. Во текот на процесот следeше ново обвинение кое ги ослободи од вина Сашко Стоименов и Горан Наунов, а го опфати и лицето Столе Трпевски од Виница. Според новото обвинение кое беше додадено кон претходното, првообвинетиот Игор Горански заедно со второобвинетиот кој е во бегство, Сашко Стојчев и Трпевски, создале и припаѓале на злосторничка група која се занимава со лихварство – обвинетите наводно ја искористувале тешката материјална состојба на своите граѓани, давале позајмици и наплатувале високи месечни камати. Обвинителството исто така ги товари дел обвинетите за нелегален шверц на покер апарати, како и за обид за убиство на Драганчо Стоименов.

Полициска опсада во неколку градови во источниот дел на Македонија резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, запленети 1000 покер апарати и притвор за 14 лица.

>> Предметот целосно проследете го тука.

Тек на рочиштето

15:20 – Судскиот процес продолжува утре, на 11.06.2013 во 10:30 часот со давање на завршни зборови на одбраната.

14:40 – Одбраната на обвинетиот Јорданчо Михајлов, адвокатот Драган Поповски посочи дека не се докажало ниту едно дело кое му се става на товар на обвинетиот. Смета дека обвинителството во недостог на докази зборува за „безобзирна освета“. Адвокатот целосно го елаборираше исказот на оштетениот, според него, тој воопшто не примил директни закани од обвинетите, туку се му било прераскажувано преку трети лица. Бранителот смета дека двајцата заштитени сведоци иако сведочат за иста ситуација немаат консолидиран исказ, туку како што рече, кажуваат различни информации.

13:10 – По паузата, завршни зборови даде одбраната на обвинетиот Горан Божиновски, адвокатот Миле Петровски. Одбраната посочи дека во прецизираното обвинение не постои разлика меѓу докази, индикации, чаршиски муабети, подготвителни дејствија, разлика меѓу оштетен, оштета и не е јасно што всушност преставува тоа „безобзирна освета“. Според Петровски, од доказите на обвинителството, нема ниту еден што има доказна вредност. Тој посочи дека сведоците прераскажувале „кафански муабети“, а никој не објаснил како се заканувале обвинетите. Потсети дека оштетениот и обвинетиот потврдуваат дека меѓу нив немало директни закани и тепачки. Адвокатот смета дека оштетениот има и други непријатели бидејќи неодамна како што рече, повторно преживеал обид за ликвидација.

На неговите завршни зборови се приклучи и адвокатот Шазивар Исени. Според Исени доколку се работело според новиот ЗКП немало да постои обвинението, бидејќи во случајов има непознат сторител, а се гонат оние кои го планирале убиството.


12:20 – Пауза до 12:45 часот.


11:00 – За обвинетиот Жан Железарски со завршен збор се изјасни и бранителот Туше Гошев. Обвинителниот акт го нарече „креативна идеологија“ која не е поткрепена со докази. За делото злосторничко здружување смета дека е недокажано бидејќи не се утврдило какви се одделните улоги на припадниците, кој ги носел одлуките, и кој каква придобивка имал од групата.

10:50 – Завршни зборови прва даваше одбраната на обвинетиот Жан Железарски. Адвокатот Донче Наков кој е еден од бранителите на Железарски, на самиот почеток истакна дека водел активна одбрана која придонела за ослободување на обвинетиот од две кривични дела. Во однос на завршните зборови на обвинителството каде беа набројувани телефонските разговори на обвинетите, адвокатот Наков наведе дека обвинетиот Железарски воопшто не се споменува, а тоа според него упатува на фактот дека обвинетиот воопшто не е ниту организатор, ниту дел од некаква злосторничка група. Понатаму, адвокатот го спомена обвинението од Виница, каде обвинети се Железарски и оштетениот Драганчо Стоименов поради демолирањето на дискотеката на првообвинетиот каде тој, пак, се јавува како оштетен. Според адвокатот, тепачката се случила во 2009 година, па оттука се поставува прашањето: како е можно, сега одеднаш, обвинетиот кој бил на страната на оштетениот Стоименов, во 2010 година со првобвинетиот да создаде група со цел да го испланираат убиството на Драганчо. Во однос на делото обид за убиство, Наков се осврна на мотивот кој обвинителот го презентираше во завршните зборови. За т.н. „безобзирна освета“, адвокатот посочи дека претходно немало расправии, тепачки меѓу оштетениот и обвинетиот Железарски. Појасни, дури и кога биле запалени возилата во Кочани, меѓу нив не било и возилото на Железарски, па оттаму, според одбраната мотивот на обвинителството не е издржан. Одбраната наведе дека не постои ниту еден доказ што посочува дека Железарски контактирал со лица од странство и учествувал во планот за ликвидација.

Во однос на агенцијата за обезбедување „Титан груп“, Наков рече дека во почетокот се појавиле 40 лица во својство на оштетени, а денеска има само 9. Од нив, ниту еден, според одбраната не го посочува Железарски како лице кое им вршело присила и закани за да се потпишат договорите за обезбедување. Адвокатот тврди дека сите договори биле потпишани, а не како што вели обвинителството, оштетените дека плаќале обезбедување иако не ги потпишале договорите. За сведокот кој земал 1.000 евра позајмица од обвинетиот, одбраната констатира дека тој воопшто и не бил во тешка финансиска ситуација, туку парите ги земал да ги вложи и на тој начин да профитира преку својата туристичка агенција.

10:40 – Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.