/ Прочитано:

1.671

Судење„Детонатор“: Обвинетите тврдат дека Стоименов лаже, адвокатите бараат прецизни одговори, не сведочење на чаршиски муабети

Четврток, 18 октомври 2012 – Оштетениот Драганчо Стоименов продолжи со сведочењето и на денешниот главен претрес. Во досегашниот исказ образложи дека наводно преку негови пријатели му било пренесено дека првите шестмина обвинети барале начин и луѓе за негова ликвидација. Идентитетот на оние од кои ги дознал информациите не го откри од безбедносни причини. Одбраната и обвинетите имаа повеќе приговори на исказот отколку прашања за оштетениот. Обвинетите тврдат дека Стоименов лаже, а адвокатите се изјаснија дека сведочењето личело на чаршиски муабети, а не на сериозни закани по живот. 

Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

>> Предметот за случајот Детонатор проследете го тука. 


Тек на рочиштето

14:10 – Поради тоа што сведокот на сите прашања почнуваше со зборовите „мислам“’, „ми кажаа“, „ми пренесоа“, „слушнав гласини“, дел од одбраната се обиде преку прашања да констатира дека заканите се обични несериозни „чаршиски муабети“. Адвокатот Трајче Китановски на судијката и рече дека тој лично не верува во озборувања низ чаршија, а исказот на сведокот како што рече бил произлезен од озборувањата низ Кочани и Виница. Судскиот процес продолжува на 25.10.2012 година во 10 и 30 часот со сведочењето на сопругата на оштетениот, Јанка Стоименова. 

13:30 – По одбраната на ред дојдоа да се изјаснат обвинетите во врска со сведочењето на Драганчо Стоименов. Наводните организатори на обидот за ликвидација на Стоименов ги негираа неговите тврдења за тортурата и заканите што ги доживувал. Имаше повеќе приговори отколку прашања за сведокот. Првообвинетиот Игор Горански рече дека сето тоа што го зборувал Стоименов било лага, со цел да му наштети лично нему, а како причина го наведе судскиот спор што се води против Стоименов за тепачката во дискотеката на првообвинетиот од пред неколку години. Третоoбвинетиот Жан Железарски рече дека се што е кажано не било вистина. Појасни дека никогаш со себе не носел пиштол кога се сретнувал со оштетениот. Обвинетиот Горан Божиновски за време на сведочењето на Стоименов неколкупати на глас дофрлуваше дека сведокот лаже, па поради тоа доби опомена од судијката Весна Димишковска дека доколку не се смири ќе го отстрани од судница. Петтообвинетиот Јорданчо Михајлов рече дека нема никаква допирна точка со оштетениот и дека не му се верува што се слушнал во судницата. Обвинетиот Димитар Јованов за кого оштетениот тврдеше дека низ чаршијата во Виница зборувал за неговата ликвидација, ги отфрли сите негови тврдења. Останатите обвинети немаа прашања ниту приговори на исказот на сведокот.

12:50 – Одбраната почна со поставување на прашања, забелешка од судијата дека бранителите прашуваат за веќе кажани и објаснети ситуации. Бранителот на првообвинетиот, Љубомир Михајловски -Џанго бараше прецизирање на разговорот помеѓу оштетниот и негов роднина каде му било пренесено дека првообвинетиот Горански барал човек од село Дупница за да изврши негова ликвидација. Стоименов наведе дека се работи за телефонски разговор, и дека не се сеќава на времето. Поради безбедносни причини, оштетениот не откри од кај ги добил сите информации поврзани со неговата ликвидација.

11:00 – Скоро 2 часа, оштетениот Драганчо Стоименов ги прецизираше настаните поврзани со ообвинетите, што минатиот пат заборавил да ги раскаже пред судот. Во неколку наврати, преку негови пријатели како што рече му било пренесено дека наводните организатори на групата барале начин и луѓе за негова ликвидација и тоа се случувало во периодот помеѓу двете подметнати експлозивни направи. Првите шестмина обвинети вели дека ги познава лично, имал нарушени односи со нив откако почнале да му се закануваат, а претходно биле во добри односи како познаници. Тврди дека со никој од нив не разговарал по телефон, ниту пак се дружеле. Останати обвинети прв пат ги видел во судница во текот на овој предмет.

10:55 Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.