Судење „Детонатор“: На оштетениот не му е јасно зошто преживувал тортура, но слушнал гласини дека тоа било зошто имал пари
Петок, 5 октомври 2012 – Цели 4 ипол часа оштетениот Драганчо Стоименов зборуваше за заканите и тортурата што ја преживувал од обвинетите. Според неговите зборови обвинетите Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски, Јорданчо Михајлов и Симеон Михаилов им се заканувале исто така и на сите лица од неговата средина, сопругата, семејството и пријателите. Со првообвинетиот Игор Горански и со дел од обвинетите има судски спор поради тепачка во дискотека во Виница. Од тепачката па наваму ситуацијата се влошувала, кулминацијата е 2 обида за убиство и една закана по живот. Дел од обвинетите тивко коментираа како не им се верува што зборува Стоименов во судница.
На досегашните рочишта исказ даваа обвинетите, сите ги негираа делата што им се ставаат на товар, велат дека биле роднини и пријатели, а не криминална група. Повеќето од нив тврдат дека со оштетениот Стоименов биле во одлични односи, па според тоа немале никаква причина ниту корист за да го лишат од живот.
Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.
Тек на рочиштето
16:15 – По цели 4 ипол часа сведочење на оштетеното лице, главниот претрес заврши. Следниот претрес е закажан за 09.10.2012 година во 10 и 30 часот, а се очекува одбраната и обвинетите да му поставуваат прашања на оштетеното лице Драган Стоименов. По него, на пултот треба да застане неговата сопруга, Јанка Стоименова.
14:00 – По паузата, оштетениот Драганчо Стоименов продолжи со сведочењето пред судскиот совет. Во вториот дел од неговиот исказ повеќе се задржа на групата од Виница, додека пред паузата зборуваше само за обвинетите од Кочани. Слично, како и претходната група и обвинетите од Виница како што рече му вршеле притисоци заради судскиот спор што го имал со првообвинетиот заради тепачката во дискотеката во Виница. Објасни дека притисоците му ги вршеле преку Фејсбук и преку телефонски пораки. Пред да се случат двете експлозии, тој раскажуваше дека добивал различни закани, но и бил предупредуван да се чува бидејќи му се спрема негова ликвидација. Пред судскиот совет не сакаша да ги именувани лицата кои му ги пренесувале пораките поради безбедносни причини. Додека зборуваше сведокот, дел од обвинетите тивко коментираа како не им се верува што зборува оштетениот сведок.
13:20 – Пауза до 13:45 часот.
10:50 – Цели 2 часа, оштетениот Драганчо Стоименов раскажуваше за експлозивите во неговиот автомобил, кои наводно биле поставени од страна на дел од ообвинетите. Според неговите зборови, обвинетите Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски Јорданчо Михајлов и Симеон Михаилов им се заканувале на сите лица од неговата средина, сопругата, семејството и пријателите. Како што вели, во два наврати направиле инциденти демолирајќи го неговото кафуле во центарот на Кочани. Тврди дека вториот пат, обвинетиот Симеон Михаилов и се заканувал со пиштол на сопругата вперувајќи го во нејзиниот стомак. Вели дека закани добивале дури оние на кои им се допаѓале фотографиите на на неговата сопруга поставени на социјалната мрежа Фејсбук. Стоименов раскажа за преку 15 инциденти, за кои вели дека ги пријавил во полиција, но според неговото кажување за ниту еден не е поведено постапка, ниту пак некој бил викнат на разговор во Полициска станица. Додаде дека поради страв дека нешто ќе му се случи во Кочани, веќе 3 години го посетувал само домот на неговите родители, никогаш не се движел низ градот. Првообвинетиот го спомена само еднаш во контекст на тепачка што се случила во дискотоеката во Виница, за кои обвинетите веќе зборуваа. На сведокот не му е јасно зошто ја преживувал оваа тортура, но слушнал гласини дека тоа го прават зошто имал пари.
Судијата го предупреди оштетениот брачен пар Стоименови, да не излегуваат надвор од судската зграда и да стојат до полицијата, а на обвинетите, нивните роднини и сите присутни во судската сала им забрани да им се обраќаат на оштетените.
10:45 – Старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети. На клупата за сведоци оштетениот Драганчо Стоименов.