/ Прочитано:

1.664

Судење „Детонатор“: Ново обвинение и обвинителен предлог — двајца обвинети се ослободени од обвинение

Вторник, 9 април 2013 Ненадеен пресврт на судскиот процес, обвинетите Горан Наунов и Сашко Стоименов се ослободени од обвинението за недозволено држење и изработување на оружје и злосторничко здружување. Судскиот процес продолжи со ново обвинение и нов обвинителен предлог. Во обвинителниот акт се опфатени останатите обвинети со исклучок на двајцата кои денеска беа ослободени. Со обвинителниот предлог, пак, се опфатени обвинетите Игор Горански, Сашко Стојчев, Стојан Паликрушев, Ванчо Ќорпашев, а е проширен уште со двајца обвинети, Марија Ќорпашева и Столе Трпевски. Обвинителството ги товари за злосторничко здружување и лихварство. 

Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

>> Предметот за случајот Детонатор проследете го тука. 

Тек на рочиштето

12:15 – Судскиот процес продолжува на 15.04.2013 во 10:30 часот со распит на обвинети по однос на новото обвинение и новиот обвинителен предлог. 

11:30 – Обвинителката Русковска почна со читање на новото обвинение, потоа и со новиот обвинителен предлог. Обвинението е е напишано на 47 страници. Обвинетите се товарат за истите дела како и во стариот обвинителен акт. Обвинителството останува на тоа дека тие се поделени во две групи, организатори и припадници на злосторничка група која вршела лихварство, изнуда, насилство и поради безобзирна одмазда, неколку пати се обиделе да го ликвидираат оштетениот Драганчо Стоименов. Обвинителниот предлог ги опфаќа обвинетите Игор Горански, Сашко Стојчев, Стојан Паликрушев, Ванчо Ќорпашев, Марија Ќорпашева и Столе Трпевски. Според обвинителниот предлог обвинетите давале позајмици, ја користеле тешката финансиска состојба на своите сограѓани од Виница и им наплатувале високи месечни камати. Обвинителстото ги гони за злосторничко здружување и лихварство. 

11:00 – Судскиот совет им соопшти на присутните дека го прифатил и обвинителниот предлог на обвинителот.  Обвинителниот предлог ги опфаќа првообвинетиот Игор Горански, второобвинетиот Сашко Стојчев, досегашните обвинети Стојан Паликкрушев, Ванчо Ќорпашев и новите обвинети Марија Ќорпашева и Столе Трпевски. Според обвинителниот предлог, обвинетите се товарат за злосторничко здружување и лихварство. Судот донесе одлука двата предмета да се спојат. 

Одбраната на обвинетите Жан Железарски, Горан Божиновски и Игор Горански побараа од судскиот совет овие обвинети да се издвојат од постапката бидејќи како што рекоа од досега изведените докази се констатирало дека не постои злосторничко здружување. Откако обвинителот се спротивстави на овој предлог објаснувајќи дека обвинетите здружени ги сториле кривичните дела, судскиот совет не го прифати предлогот на одбраната, 

10:55 – Обвинителката Вилма Русковска соопшти дека обвинетите Горан Наунов и Сашко Стоименов се ослободени од обвинението за злосторничко зздружување и недозволено  држење и изработување на оружје. Присутните во судницата шокирани занемеа, а судијката Весна Димишкова им соопшти на Наунов и Стоименов дека се слободни и можат да ја напуштат судницата. Обвинетиот Сашко Стоименов посочи дека доколку судот има потреба од него, му стои на располагање. 

10:50Рочиштето почна со задоцнување бидејќи обивнителот имал друго судење, па присутните во салата беа известени за евентуалното доцнење на застапникот на обвинението. Судскиот совет констатираше дека условите за започнување на рочиштето се исполнети.