/ Прочитано:

1.221

Судење „Детонатор“: Обвинетите тврдат дека не се криминалци, ниту се обиделе да го убијат оштетениот Драганчо Стоименов

Петок, 14 септември 2012 Низ исказот на сите обвинети се спомнува оштетениот Драганчо Стоименов и настанатата тепачка од пред 3 години во дискотеката на првообвинетиот, за која обвинетите водат судски споор. Тие го негираат обидот за убиство на оштетениот Стојменов како и сите други дела за кои ги товари обвинителството. Сопругите и пријателите не можеа да се воздржат од праќање погледи и бакнежи спрема обвинетите, сепак во мирна атмосфера исказ дадоа уште тројца обвинети. 

Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во првиот наврат во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

Средина: четвртообвинетиот Горан Божиновски

Дел од  обвинетите се сопственици на дискотеки, барови како и нелегални објекти за игри на среќа, преку кои остварувале профит, а според обвинителството ги користеле и за прикривање на своите криминални активности.

Во акцијата ширум Македонија беа запленети 1.000 покер апарати. Според обвинителниот акт, оваа група ја оштетила државата за 18 милиони денари.


Тек на рочиштето

14:50 – Со денешното рочиште, судијата изврши распит на 5 од вкупно 14 обвинети. Според нивните искази обвинетите 6 организатори се поделени во 2 групи, велат дека едни со други имаат нарушени односи. Низ целиот процес провејува тепачка на двете групи настаната во дискотеката „Ефект“ на првообвинетиот Игoр  Горански во Виница, за кои обвинетите имаат меѓусебен судски спор како и лицето Драганчо Стоименов на кого во два наврати му беше подметнат експлозив во возилото, а обвинителството вината ја гледа во организаторите на групата. Процесот продолжува со распит на останатите обвинети на 18.09.2012 година во 10 и 30 часот.

14:00 – Шестообвинетиот Стојан Паликрушев ги отфрли сите обвиненија наведени во обвинителниот акт, има алиби за двата критични дена и тврди дека никогаш не бил во близина на експлозијата поставена под возилото на оштетениот Драганчо Стоименов, ниту имал мотив и причина за да го лиши од живот оштетениот. Тој бил вработен кај првообвинетиот во дискотеката „Ефект“ во Виница. Другите обвинети делумно ги познава,  со  некои има нарушени односи, а некои воопшто не ги знае.

12:50 – По паузата исказ даваше петтообвинетиот Јорданчо Михајлов, кој во судницата тврдеше дека не е дел од никаква група. За оштетениот Драганчо Стоименов рече дека го познава само од видување и никогаш немал конфликти со него, ниту една причина и мотив за да се обиде да го лиши од живот. Во врска со оштетениот Ванчо Ѓеоргиев на судијката и објасни дека тој му плаќал рата во Стопанска банка за станбен кредит, затоа ги земал парите од оштетениот. Приложи уплатница од банката тврдејќи дека никогаш не му се заканувал. Слично било и со второто оштетено лице кое на обвинетиот му пратило пари од странство за да купи подарок на друго лице во негово име. Во врска со оштетениот Јоце Каров кој е негов прв сосед рече дека нивните разговори биле добронамерни, односно кога му се јавил му  посочил дека неговиот син е во лошо друштво, но не му се заканувал на ниту еден начин. Михајлов и првообвинетиот Игор Горански се сопственици на кабелска телевизија во Виница. Дел од обвинетите делумно ги познава, а некои од нив воопшто не ги знае. Исто како и другите обвинети и Михајлов тврди дека за двата критични денови има алиби. Првиот пат бил во домашен притвор, а вториот пат бил во Кочани и слушнал чаршиски муабети за настанот.


12:15 – Пауза од 30 минути. По паузата, како што најави судијата, процесот би требало да  продолжи со распит на уште двајца обвинети.


10:50 – Исказ даваше четвртообвинетиот Горан Божиновски. Вели дека никогаш не бил организатор, ниту дел од криминална група. Со некој од обвинетите е во роднинска врска, а со половина од нив како што наведува ниту имал дружба ниту ги сретнал. Со оштетениот Драганчо Стоименов, се дружел, вели дека немале расправии и не му се заканувал преку социјални мрежи. За двата критични дена кога била ставена експлозивна направа во автомобилот на оштетниот, има алиби. Како што наведува, првиот пат слушнал од телевизија во својот дом во Кочани, а вториот пат од вработените во кафеаната каде што седел. Вели дека вршел достави на фактури за кочанската фирма „Скопско-екстра“ и не работел за спорната агенција за обезбедување. „Немам никаква врска со агенцијата за обезбедување „Титан“. Сум давал пари на заем, но никогаш не сум наплаќал камата“, се изјасни Божиновски.

Распитот на 4-то обвинетиот се одолговлечи кога судијката Весна Димишкова почна да го прашува Божиновски за телефонските разговори кои ги имал со дванаесетообвинетиот, Горан Кузмановски. Обвинетиот 20 минути раскажуваше за нивните разговори. Тврди дека за неколку месеци, имале само 4-5 разговори, а зборувале за некаква дистрибуција на мед, за вработување на некој негов роднина и сл., но како вели, обвинетиот Кузмановски му рекол да не зборуваат по телефон туку лично да се видат. Овој исказ отвори прашања кај  судијката Димишкова,  не и беше јасно што е толку страшен медот и не може да се зборува за истиот по телефон, туку мора лично. На ова обвинетиот одговори дека причина биле разговорите за политика и за начинот на вработување.

Понатаму Божиновски објасни дека на сметка како вработен во „Скопско-екстра“ му биле исплаќани 15 илјади денари, а на рака како што вели земал бонуси од 50-70 илјади денари, при што обвинителката побара да се нотира сопственикот на фирмата што му плаќал вакви бонуси.

10:39 – Со доцнење од половина час, старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.