/ Прочитано:

994

Судење „Детонатор“: Самиот си побарав обезбедување и сѐ беше во најдобар ред, тврди сведок на одбраната

Вторник, 22 јануари 2013 година – Самиот си побарал обезбедување на дуќанот и за разлика од другите дуќанџии кои беа сведоци го добил, тврди сведокот предлозен од судскиот совет. Од четворица сведоци, само еден денеска се појави во судот. По 2 месеци откако заврши изведувањето на доказите прибавени со посебни истражни мерки, продолжи доказната постапка со сослушување на сведоци предложени од страна на судскиот совет поради материалните докази од кои се гледа дека сведоците и плаќале обезбедување на штипската агенција „Титан Груп“. 

Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

>> Предметот за случајот „Детонатор“ проследете го тука. 

Тек на рочиштето

12:15 – Откако сведокот заврши со своето сведочење, судијата го праша обвинителството дали може да се изјасни во однос на предлогот на адвокатот Михајловски, но обвинителството одговори дека му е потребно повеќе време, а ќе се изјасни на следните закажани рочишта. За наредното рочиште судијата нареди стражарно приведување на сите сведои кои уредно ги добиле поканите, а не се појавиле во судот. Следните рочишта се закажани за 01.02. и 19.02.2013 година во 10:30 часот.

11:00 – На пултот застана сведокот Игорчо Николов, сопствeник на бутик во Кочани. Во детали раскажа за обезбедувањето на неговиот дуќан. За разлика од претходните сведоци кои зборуваа дека од страв и плаќале за обезбедување на агенцијата за обезбедување „Титан Груп“, исказот на Николов сосема спротивен. Според неговите зборови тој започнал со работа во 2010 година, а бидејќи во соседните дуќани често се случувале кражби, одлучил да побара обезбедување. Потоа, рече дека лично го познавал лицето Влатко викан „фудбалер“, го повикал и се договориле на кој начин и за која цена да му се обезбедува бутикот. Според договорот лицето Влатко, дење и ноќе требало да поминува покрај дуќанот, а надоместот изнесувал 700 денари месечно. Откако се договориле како што вели сведокот наредниот ден и двајцата го потпишале договорот. Понатаму тврди дека се што се случувало било онака како што претходно се договориле. Лицето Влатко облечен во темна униформа на која стоел натпис обезбедување дење и ноќе поминувал покрај дуќанот, сведокот потврди дека преку ден тој лично го гледал, а за вечерното обезбедување бил известен од сопственичката на дуќанот од која го земал под наем. Објасни како секој месец обезбедувачот му носел фактура, а сведокот уредно си ја плаќал. За Агенцијата „Титан Груп“ рече дека не знае ниту каде и е седиштето ниту во чија сопственост е.

За обвинетите рече дека ги познава како сограѓани кои само ги поздравувал, а дел од нив му биле муштерии во дуќанот. За ниту еден од нив тврди дека не слушнал дека се поврзани со агенцијата „Титан Груп“.

Обвинителството, одбраната и обвинетите немаа прашања ниту забелешки на исказот на сведокот.

10:55 – Судијата констатираше дека од 4-рица уредно повикани сведоци кои се предложени од одбраната присутен е само еден сведок. Во меѓувреме на обвинителството им го предаде предлогот на адвокатот Љубомир Михајловски за продолжување на доказната постапка.

10:50 – Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.