/ Прочитано:

793

Судење „Детонатор“: Тројца сведоци ги потврдија наводните закани на обвинетите кон оштетениот Стоименов

Среда, 13  март 2013 –  Пред судскиот совет тројца сведоци раскажуваа за наводните закани на обвинетите упатени до оштетениот Драганчо Стоименов.  Според нивните кажувања, обвинетите во неколку наврати јасно укажале дека се спремаат да го ликвидираат оштетениот, притоа заплашувајќи ги сите лица што биле околу него, вклучувајќи ги и нив. Судскиот совет за некое од наредните рочишта ги најави како сведоци сопствениците на штипската агенција за обезбедување  „Титан груп“.

Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

>> Предметот за случајот Детонатор проследете го тука. 


Тек на рочиштето

14:00 – Судскиот совет продолжува на 20.03.2012 година во 10:30 часот со сведоци предложени од страна на судскиот совет.

13:15 – Последниот сведок за денеска, Љубомир Илиев во целост ги потвдри тврдењата на претходниот сведок Здравков, бидејќи според неговото кажување тој присуствувал на сите ситуации кога обвинетите му се заканувале на оштетениот. Како што рече во обвинетите му порачале да стои понастрана од оштетениот, а наводно му биле понудени и пари од нив за да се тргне од кругот на оштетениот. 

Обвинетите Жан Железарски и Горан Божиновски повторно го отфрлија исказот на сведокот потенцирајќи дека денешните сведоци му се осветуваат на Железарски бидејќи тој бил сведок во друг судски процес против нив во кои сведоците биле осудени на затворска казна.  

12:00 – Третиот сведок Драган Здравков најпрвин раскажуваше за случувања од пред две години, пред инцидентот со бомбите. Според неговото кажување, на 09.09.2009 седел во кафуле заедно со оштетениот Стоименов, при што во телефонски повик обвинетиот Сашко Стојчев користејќи погрдни зборови го повикал оштениот да дојде на местото наречено „Метална“, надвор од градот Кочани. По ова, наводно заедно се упатиле таму – според раскажувањето било неосветлено, па не застанале со возилото и решиле да се вратат назад во Кочани. Утредента сведокот тврди дека имал непријатна средба со обвинетите, откако се обидел да побара од нив објаснување за повикот – како што посочи тие го истепале заканувајќи му се дека се решени да го убијат Стоименов, а  нему му сугерирале да се тргне од него. Сведокот  потврди уште неколку ситуации, но и заканите за кои веќе зборуваше оштетениот.

По наводите на сведокот, реагираа обвинетите Жан Железарски и Горан Божиновски тврдејќи дека сето ова не е вистина, наводно никогаш не праќале пораки, ниту се заканувале и раскажувале дека се спремаат  да го ликвидираат оштетениот. 

11:15 – Сведокот Костадин Ѓорчев објасни дека обвинетите кочанчани ги познава како сограѓани, останатите кои се од Виница воопшто не ги познава, а е семеен пријател со оштетениот Драганчо Стоименов. Според неговото кажување, обвинетите во неколку наврати му се заканиле да се тргне понастрана од Стоименов. По првата бомба, некаде околу почетокот на јуни 2011 година, сведокот рече дека роднина на обвинетиот Жан Железарски заедно со уште едно лице го нападнале и му нанеле телесни повреди. Откако се случила тепачката, како што рече, трето лице му пренело порака од Железарски да не го пријавува случајот во полиција, но сведокот наводно собрал храброст и пријавил. Во однос на втората бомба тврди дека на истиот ден во декември 2011 година тој бил во едно кафуле во центарот на Кочани, од спротива ги видел обвинетите како седат и гледаат вести на телевизија, по ова си отишол дома и преку медиумите сфатил дека оштетениот преживеал уште една бомба. 

Одбраната по истиот терк како што судијата го прашуваше претходниот сведок дали одделни датуми ги памети толку добро, судијата Весна Димишкова најпрво праша во кој контекс се прашањата, а откако адвокатот Дончо Наков и одговори по истиот контекс како претходниот сведок, судскиот соевт донесе решение дека не ги прифаќа ваквиот тип на прашања. 

По ова, станаа обвинетите Жан Железарски и Горан Божиновски, двајцата го негираа исказот велејќи дека никогаш ниту му се заканувале, ниту имале врска со неговите тепачки и недоразбиорања со останатите сограѓани во Кочани. 

11:00 – Прва сведочеше девојката на обвинетиот Стојан Паликрушев, Александра Димитрова. Пред судот објасни за критичните денови кога под возилото на оштетениот Драганчо Стоименов беа поставени бомби. За сите денови сведокот тврди дека била заедно со обвинетиот, првиот пат во Кочани, а вториот пат во Скопје. Во однос на тоа каде била и што правела за време на други критични датуми, одговори дека не се сеќава. 

10:50Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполенти. Сите предвидени сведоци се присутни во  судницата.