/ Прочитано:

1.348

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: На „Хрватски автопати“, им беше препорачана „Фими медиа“, сведочи екс-директорот на ова претпријатие

Среда, 5 септември 2012 – На денешното рочиште сведочеше поранешниот директор на државното претпријатие задолжено за изградбата на патиштата „Хрватски автопати ХАЦ“, Бобан Стјепко. Според Стјепко,  поранешниот премиер на Хрватска, првобвинетиот Иво Санадер, на директорите на државните претпријатија за време на еден состанок им препорачал да ја помагаат партијата на престојните парламентарни избори преку соработката со  маркетинг агенцијата „Фими медиа“. 

Стјепко во своето сведочење потврди дека во 2007 година бил повикан на состанок во владата каде присуствувале уште дваесетина директори на други државни претпријатија. Како што вели, на овој состанок освен тогашниот премиер Иво Санадер, присуствувале и поранешниот главен благајник на ХДЗ, Младен Баришиќ и Ратко Мачек, портпаролот на тогашната Влада на Хрватска. Наводно, Санадер им објаснил дека се ближат парламентарните избори, па затоа државните претпријатија треба да и помогнат на ХДЗ повторно да ги добие изборите. Според Стјепко, на овој состанок спомната била фирмата „Фими медиа“ , но и загрепската телевизија „З1“ во однос на рекламирањето на државните претпријатија.

На прашање на обвинителството, Бобан Стјепко истакна дека по препорака на Младен Баришиќ имал разговор со сопственичката на „Фими медиа“, петтообвинетата Невенка Јурак и дека „ХАЦ“, по објавен тендер имале еден договор со оваа маркетинг агенција во вредност од 200.000 куни, што опфаќал набавка на каталози, календари и мали подароци.

На ова, судијката Ивана Чалиќ, му го предочи исказот од истрага, каде тој изјавил дека секоја препорака до него од страна на Баришиќ, била препорака која треба да се изврши, потенцирајќи дека сведочењето се разликува од она што го кажал во истражната постапка.

На вистинитоста на исказот на Стјепко, приговараа Санадер и Мачек.

Судењето продолжува на 10 септември за кога е предвидено е да сведочат Божидар Лонгин, член на управата на „Хрватски шуми“ и Андреја Сарделич, екс-претседател на управата на „Хрватски пошти“.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на Хрватската царина – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.