/ Прочитано:

1.407

Судење „Фими медиа“: Сведочењата продолжуваат во ист ритам, сведоците тврдат дека соработката со „Фими медиа“ им била наложена

Среда, 19 септември 2011 – Процесот против ХДЗ, Иво Санадер и останатите вклучени во случајот Фими медиа, продолжи со сведочењето на Миливој Микулиќ и Маријо Ловренчиќ, поранешни членови на Управниот одбор на „Хрватски автопати“  (ХАЦ). 

Прв сведочеше Миливој Микулиќ, кој се присети на средбата што ја имал со поранешниот благајник на ХДЗ, второобвинетиот Младен Баришиќ во еден загрепски ресторан. Слично како и претходните сведоци Микулиќ тврди дека Баришиќ на овој состанок му кажал дека сите маркетиншки работи што ХАЦ ги има би требало да се изведуваат преку маркетинг агенцијата „Фими медиа. Бидејќи се работело за најблизок соработник на тогашниот премиер и првообвинет Иво Санадер, како што вели истото го сфатил како наредба.

Втор на клупата за сведоци седна колегата на Микулиќ, Маријо Ловренчиќ. Ловренчиќ вели дека знаел за соработката помеѓу ХАЦ и „Фими медиа  што постоела уште пред неговото доаѓање во ова претпријатие. Не се противел на оваа наложена соработка, бидејќи се плашел да не го сменат од функцијата, но и бидејќи сметал дека тоа не е негова работа.  Спротивно на исказот даден во истрага овој пат не се сеќаваше дали Санадер некогаш ја споменал „Фими медиа“ на седниците на влада.

Судењето продолжува следната недела.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.