Судење „Фими медиа“: Сведоците со различни впечатоци од соработката со „Фими медиа“
Понеделник, 15 октомври 2012 – Сведочеа Весна Бакран, екс-директорката на „Хрватска лотарија“, и Анте Тодориќ поранешниот челник на „СТСИ“ (ќерка компанија на ИНА). Двајцата сведоци со различен впечаток од соработката на претпријатијата со „Фими медиа“.
Прва на клупата за сведоци, до неодамнешната директорката на „Хрватска лотарија“. Според нејзините зборови, поранешниот благајник на ХДЗ, второобвинетиот Младен Баришиќ кој ја призна вината која му се става на товар, за Иво Санадер говорел со посебно воодушевување. Се присетува дека кога ги советувал за соработка со маректинг агенцијата, во разговорите често го споменувал екс-премиерот. Соработката со„Фими медиа“се одвивала од 2006 до 2009 година, а како што вели вкупната вредност на сите договори била околу 1 милион и 300 илјади евра. Според Бакран, во Лотаријата сите биле задоволни од услугите на „Фими медиа“, а и цените биле поволни. Немало фиктивна соработка, тврди Бакран.
Во врска со состанокот одржан во седиштето на Владата, на кој според обвинителството Санадер им сугерирал на претставниците на јавните претпријатија соработка со „Фими медиа“, Бакран вели дека истиот го сфатила како работен состанок. Според исказот на сведокот, на овој состанок се зборувало за состојбата на јавните претпријатија, а Санадер на крајот од состанокот ја споменал „Фими медиа“ како успешна маркетинг агенција која би можеле да ја ангажираат.
Иако не биле задоволни од „Фими медиа“, сепак соработувале
За разлика од Бакран, Тодориќ вели дека од „СТСИ“ не биле задоволни од соработката со „Фими медиа“. Според сведочењето на Тодориќ, Баришиќ имал замерка на бројот на договори што овие две компании ги имаат склопено и нивната вредност и од таа причина наводно сакал да го смени од функција. Соработката со маркетинг агенцијата, како што вели почнала откако на еден состанок Баришиќ го запознал со сопственичката на „Фими медиа“, третообвинетата Невенка Јурак. Тврди дека од страна на членот на Управата на ИНА, Јозо Петровиќ му било кажано дека „Фими медиа“ многу и помага на ХДЗ и затоа СТСИ треба да ја најми за маркетинг дејности. Додава дека фирмата на Јурак изработувала промотивни материјали за различни саеми кои се одржувале од Египет и Сирија до Русија. Според сведокот, соработката со „Фими медиа“ била коректна, но додека се припремал одреден договор, Баришиќ кој важел за мнгу влијателен во ХДЗ, знаел да му се јави и да праша зошто се одолговлекувала процедурата.
Судењето продолжува утре.
„Фими медиа“
Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Дел од обвинетите ја признаа вината, а има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.