Судење „Фими медиа“: Преку „Фими медиа“ продавав мебел за ХДЗ, тврди еден од сведоците
Вторник, 23 октомври 2012 – Судењето продолжи со сведочење на тројца сопственици на фирми кои соработувале со „Фими медиа“.
Прва на клупата за сведоци, Жељка Трубиќ, директорка на хрватската фирма „Мибел“, чија што главна дејност е продажба на италјански мебел. Според сведочењето на Трубиќ, сопственичката на „Фими медиа“, Невенка Јурак (петтообвинета, ја призна вината) од оваа фирма нарачала мебел наменет за седиштето на ХДЗ и за изборниот штаб на партијата во вредност од 92 илјади евра. Освен за партијата, по препорака на Јурак, мебел бил нарачан и за хрватската Царинска управа, на чие чело во тоа време бил второбвинетиот и тогашен благајник на ХДЗ, Младен Баришиќ. За секоја зделка, Трубиќ наводно на Јурак требала да и исплати 20 до 25 отсто провизија.
– Провизиите се исплаќани преку фиктивни сметки на „Фими медиа“ за летоци и мобилни телефони, кои никогаш не ги добивме, се изјасни Трубиќ.
Втор сведочеше Дарио Бачиќ, директорот на фирмата „Спин плус“ што преку посредство на „Фими медиа“ испорачувала промотивен материјал за ХДЗ и Царинската управа, но и за јавните претпријатија како Хрватско електростопанство (ХЕП), Хрватски автопати (ХАЦ), Хрватски шуми и Хрватска лотарија. Сите фактури како што вели биле исплаќани од страна на „Фими медиа“ .
По Бачиќ, во врска со соработката со „Фими медиа“ сведочеше и Винко Пашалиќ, чие што студио за графички дизајн изработувало визит-картици за јавните претпријатија, реклами, честитки и весникот на младината на ХДЗ.
„Фими медиа“
Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.