/ Прочитано:

1.031

Судење „Фими медиа“: БМВ-та на Санадер, главна тема на денешното рочиште

Среда, 19 декември 2012 – Откако вчера од затворот Реметинец беше префрлен во затворската болница поради покачен крвен притисок, Иво Санадер денеска се врати на клупата за обвинети. Процесот кој се води против екс-премиерот на Хрватска, партијата ХДЗ и уште неколку други лица, продолжи со испитување на сведоци, а во врска со околностите како помеѓу 2003 и 2009 година, oд  ХДЗ ги купиле двата блиндирани автомобили од марката БМВ наменети за Санадер.

Сведочеше некогашниот прв човек на претставништвото на БМВ во Хрватска, Мирослав Гргиќ, кој во својот исказ кажа дека првиот блиндиран автомобил бил купен за потребите на ХДЗ, а додека другиот луксузен автомобил партијата му го купила на Санадер.

Според зборовите на Гргиќ, во 2004 година со тогашниот благајник на партијата и директор на хрватската Царина, второбинетиот Младен Баришиќ имале средба на кој му било кажано дека ХДЗ сака да му купи сребрено БМВ на премиерот кое би го платиле во готово. Како што посочува ова му било чудно зошто вообичаено исплатите иделе преку сметка, а уште почудно зошто партијата му купува автомобил на премиерот.

Сведокот раскажа дека Баришиќ, 4 години подоцна му се јавил со барање поради дотраеност и безбедносните проценки на тамошното МВР, старото возилото да се замени со идентично ново. Откако почнало во медиумите да се пишува за новиот автомобил на Санадер, Гргиќ вели дека од партијата го прашале дали БМВ може да ги откупи двата автомобили.

– Сите беа многу заинтересирани да го решат ова прашање што е можно побрзо. Тогаш зборував со Иван Јарњак (тогашниот благајник на ХДЗ), на кој му реков да ја контактира фабриката во Германија. Тие инсистираа да се вратат двете блиндирани  возила, и јас на крајот двете возила ги вратив во Германија. Јарњак ги потпиша  документите кои исто така беа испратени во Германија. Пресметката во однос на враќањето на средствата за двете возила, беше за 80.000 евра  помалку од цената на второто блиндирано возило кое чинеше 360.000 евра, заклучи сведокот.

Согласно обвинението, парите за блиндираниот автомобил од 2004 година, околу 300.000 евра во готово во црниот фонд на ХДЗ ги донирал претприемачот Маријан Приморац. Вториот и практично идентичниот автомобил според обвинителството бил купен од страна на Роберт Јежиќ (некогашниот многу добар пријател на Санадер, а сега клучен сведок на обвинителството во неколкуте предмети што се водат против екс-премиерот)  преку неговата фирма во Луксембург, но парите – околу 330.000 евра наводно ги добил од тогашниот благајник на ХДЗ, односно од црниот фонд на партијата.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.