СУДЕЊЕ Фими Медиа: До неодамна генералниот секретар на ХДЗ, призна дека во УСКОК предал голема сума пари
Вторник, 2 јули 2012 – Судењето за случајот „Фими медиа“ продолжи со сведочењето на Бранко Бачиќ, до неодамна генералниот секретар на ХДЗ и наследник на Иван Јарњак кој сведочеше на минатото рочиште. Бачиќ призна дека во УСКОК предал 2 милиони куни и 300.000 евра, пари за кои вели дека во партијата ги донел Младен Баришик, поранешниот благајник на ХДЗ и еден обвинетите во овој предмет кој ја призна вината.
Бачиќ на почетокот од своето сведочење објасни дека пред да дојде на позицијата генерален секретар бил член на централниот Комитет и на Претседателството на ХДЗ. Потврди дека во 2008 и 2009 година, претседателството не расправало за материјално-финансиското работење на партијата, иако ова било предвидено со статутот. Како што вели, подоцна дознал дека партијата предавала завршни сметки. Според него, Санадер , со оглед на авторитетот, сигурно бил запознаен за ова.
На прашање на обвинителот, Бачиќ се изјасни дека во октомври 201о година, како главен секретар на ХДЗ, во УСКОК предал 2 милиони куни и 300.00 евра, пари за кои Јадранка Косор го известила јавниот обвинител дека се депонирани во касата на партијата во месец јануари. Тој тврди дека парите ги добиле од Младен Баришиќ, поранешниот благајник на ХДЗ. Според неговото сведочење, уште пред Баришиќ да биде разрешен од функција, тие двајца заедно со Јадранка Косор одржале состанок на кој што донеле одлука овие пари да се сместат во сеф на партијата. Вели дека Баришиќ им кажал дека наведените пари се од донаци. Според Бачиќ, со оглед на тоа дека ХДЗ годината ја завршиле со плус, немале потреба да посегнуваат по овие пари, но исто така призна дека парите не ги евидентирале во финансиските книги на партијата. Објасни дека парите ги предале во УСКОК откако медиумите почнале да пишуваат за аферата „Фими медиа“, односно дека од таа причина Косор го известила јавниот обвинител за овие пари.
Во продолжение, адвокатот на Санадер, Чедо Продановиќ му предочи на Бачиќ записник од седница на потесното членство на ХДЗ, каде стои дека Санадер побарал посилен ангажман околу неговите партиски колеги осомничени за аферите „Подравка“ и „ХЕП“. На барање на Продановиќ, да му објасни што точно значи овој записник, Бачиќ му одговори дека Санадер барал партијата да се ангажира, односно да ги заштити своите членови. На прашањето, дали Санадер сакал нешто да скрие со ова, тој одговори дека поранешниот премиер такво нешто не рекол, но дека никој не знае што во точно во тој момент мислел.
За својот ангажман како генерален секретар, Бачиќ тврди дека немало нерегуларности за време на неговиот мандат, но дека приметил постоење на средства кои не се евидентирани во финансиските книги на ХДЗ. На прашање на Иво Санадер, дали членовите на партијата можеле да предлагаат точки на дневен ред, тој одговори потврдно. Не знаеше да каже дали додека Иван Јарњак бил генерален секретар се воделе записниците на седниците, бидејки тој наводно никогаш не ги видел. Додаде дека не сака да навлага во тоа, бидејки сепак тоа го регулирале Санадер и Јарњак меѓусебно , а тој бил во близок соработник со Јадранка Косор.
На главната расправа што продолжува утре, предвидено е да сведочи Јадранка Косор.
„Фими медиа“
Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ –Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Дел од обвинетите ја признаа вината, а има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.