СУДЕЊЕ „Фими медиа“: На два пати лично предавал по 300 илјади куни наменети за кампањата на ХДЗ, сведочи поранешниот челник на „Хрватско електростопанство“
Вторник, 11 септември 2012 – Сочни детали кои не им одат во прилог на обвинетите изнесе денешниот сведок, Иван Мравак, поранешниот претседател на управата на „Хрватско електростопансто“ (ХЕП). Мравак објасни како се одвивала соработката помеѓу ХЕП и маркетинг агенцијата „Фими медиа“. Како што наведува, тогашниот благајник на ХДЗ и директор на хрватската Царина, второобвинетиот Младен Баришиќ му рекол дека треба да се приберат донации за изборната кампањата на ХДЗ. Па така Мравак на два пати, еднаш во партијата, а еднаш во Царинската управа лично однел по 300 илјади куни, се со цел да не биде разрешен од функција.
Според сведочењето на Мравак, во есента 2005 година Баришиќ го повикал на состанок и побарал од него да ја ангажира „Фими медиа“ на промоцијата на еден состанок меѓу челниците на ХЕП и деловните партнери. Како што вели тоа и го направил, бидејќи барањето го сфатил како наредба, имајќи ја во предвид блискоста меѓу Баришиќ и тогашниот премиер, првообвинетиот Иво Санадер, но и фактот што неговиот претходник бил разрешен.
Во 2007 година, според зборовите на Мравак, Баришиќ му кажал дека мора да се собере донација за изборната кампања на ХДЗ, па така тој на два пати лично носел по 300 илјади куни, еднаш во партијата, е еднаш во хрватската Царинска управа.
Инаку Иван Мравак е еден од првите раководители на хрватските јавни претпријатија кој проговорија за извлекувањето на парите од државни институции и компании преку агенцијата „Фими медиа“, причина поради која од списокот на обвинети се најде на списокот на сведоци. Во меѓувреме, Мравак е „главниот јунак“ во неколку корупциски афери поврзани со ХЕП.
Судењето продолжува на 17 септември 2012 година.
„Фими медиа“
Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Дел од обвинетите ја признаа вината, а има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.