/ Прочитано:

1.122

Судење „Фими медиа“: Немавме договор, работевме на црно – сведочеа поранешни членови на ХДЗ

Понеделник, 26 ноември 2012 – Екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер на денешното рочиште пристигна со лисици на рацете. Санадер беше спроведен од затворот Реметинец, откако изминатата недела беше донесена неправосилната пресуда за обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“ со која беше осуден на казна затвор од 10 години. Процесот за случајот Фими медиа, каде освен Санадер на клупата за обвинети е и партијата ХДЗ и уште неколку други лица кои според обвинителството биле дел од шемата за полнење на црниот фонд на ХДЗ, продолжи со сведочење на поранешни члeнови на оваа партија.

>> ВИДЕО / ПРЕСУДА Санадер („Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“): 10 години затвор за Санадер, виновен е по двете точки од обвинението, повторно е спроведен во затворот „Реметинец“

Според денешниот исказ на 6 сведоци кои во тогашната владејачка ХДЗ извршувале разни задачи за партијата, парите им биле давани „на рака“, односно истите им биле исплаќани без никаков договор, од страна четвртообвинетата, благајничката Бранка Павошевиќ која ја призна вината. Според обвинителството, средствата се исплаќани од т.н. црн фонд на партијата, создаден преку нелегално извлекување на пари од јавните претпријатија.

– „Секој месец доаѓав по 2000 куни кај тетка Бранка. На исплатниците пишуваше плата, а на нив се потпишувавме за да ги примиме парите“, се потсети Шиме Вишиќ, студент кој од 2008 до 2010 година работел во подмладокот на ХДЗ.

Според тврдењето пак на Марчела Грацин, која во ХДЗ од 2006 до 2009 година  работела како организатор на состаноци и најразлични собири, месечно и биле исплаќани по 1500 куни за кои немала потпишано никаков договор.

Оваа пракса според зборовите на сведоците се изменила во 2009 година кога Бранка Павошевиќ ја наследила новата благајничка на ХДЗ, Марица Главаш со која потпишале договор на дело.

Освен плата, како што наведоа сведоците на рака им биле исплаќани и најразлични бонуси, надоместоци за транспорт и сл.

Судскиот процес продолжува утре. 

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.