/ Прочитано:

933

Судење „Фими медиа“: Портпаролот на владата на Санадер, Ратко Мачек ги контролирал сите хрватски медиуми – тврди сведок

Вторник, 22 јануари 2013 – Судскиот процес за досега најголемата корупциска афера во Хрватска, „Фими медиа“ продолжи со распит на сведоци. На денешното рочиште сведочеа поранешниот сопственик на „Осиечка ТВ“ – Драгутин Веселчиќ, главниот уредник на  „Хрватски лист“ – Ивица Маријачиќ, адвокатот Перо Лозица и поранешниот косопственик на  „Прва спортска кладилница“ – Маријан Приморац. 

Поранешниот сопственик на „Осиечка телевизија“, Драгутин Веселчиќ во своето сведочење посочи дека Ратко Мачек, портпаролот на тогашната влада на Санадер и третообвинет во „Фими медиа“ ги контролирал сите хрватски медиуми. Според неговото кажување по интервенцијата на ХДЗ во телевизијата, истата ја продал за 10 пати поголем износ отколку што ја купил една година претходно. Појаснувајќи го својот однос со тогашната владејачка ХДЗ појасни дека морал да биде близок со таа партија доколу сака да си осигура пари од реклами.

Маријачиќ и Лозица зборуваа за тоа како Мачек го купил весникот „Хрватски лист“. Спред зборовите на адвокатот Лозица, Мачек по напуштањето на функцијата се обратил кај него со барање да најде некој што ќе го купи весникот во негово име. Тврди дека третообвинетиот му предал сина торба во која имало 416.000 илјади евра. Главниот уредник на  „Хрватски лист“, Маријачиќ пак во своето сведочење посочи дека наводно не знаел дека Мачек стои позади весникот. 

Поранешниот косопственик на „Прва спортска кладилница“, Маријан Приморац  во својот исказ кажа дека во 2003 година на Санадер му предал 30 илјади германски марки, една година подоцна 200 илјади куни, а на крајот од 2004 година и 300.ооо евра за купувањето на премиеровиот блидиран автомобил од марката БМВ. Санадер приговараше на овој исказ велејќи дека Приморац не го познава воопшто.

Судскиот процес продолжува утре со распит на сведоци.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.