/ Прочитано:

1.118

Судење „Фими медиа“: Рочиштето е одложено, Санадер е пренесен во болница

Вторник, 18 декември 2012 – Иако за денеска беше предвидено да се продолжи со процесот, рочиштето е одложено поради лошата здравствена состојба на поранешниот премиер и некогашниот шеф на ХДЗ, Иво Санадер. Од затворот Реметинец, утринава пред почетокот на рочиштето го известиле судот дека Санадер не се чуствува добро и дека ќе биде префрлен во затворската болница.

За какви здравствени проблеми се работи и дали екс-премиерот ќе го продолжи судењето кое е презакажано за утре се уште не е познато.

Бранителите на Санадер за хрватските медиуми изјавиле дека тој не се жалел на некакви тегоби, па се уште не запознаени за што станува збор.

Инаку за денеска беше предвидено да  се продолжи со распит на сведоци. 

Санадер беше спроведен во затворот Реметинец, пред еден месец односно по донесувањето на неправосилната пресуда за обединетиот предмет за случаите „ИНА-МОЛ“ и „Хипо банка“ за што беше осуден на затворска казна од 10 години.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.