/ Прочитано:

984

Судење „Фими медиа“: Сведочеа поранешни пратеници на ХДЗ и блиски пријатели на Санадер – наводниот црн фонд на ХДЗ и „Фими медиа“ не им се познати

Вторник, 5 февруари 2013 Во продолжение на судскиот процес за досега најголемата корупциска афера во Хрватска, „Фими медиа“, сведочеа Марио Зубовиќ  и Јерко Рошин и двајцата поранешни пратеници од редовите на ХДЗ и блиски пријатели на екс-премиерот и првообвинет Иво Санадер. 

Прв сведочеше поранешниот пратеник на ХДЗ Марио Зубовиќ. Тврди дека за т.н. црн фонд на партијата и за маркетиншката агенција преку која наводно се извлекувале парите од јавните претпријатија, првпат слушнал од медиумите. За разлика од дел од сведоците на обвинителството, тој нема информации ниту дека Санадер го узурпирал финансиските одлуки на ХДЗ. Според него за трошоците за време на кампања главно се грижеле Генералниот секретаријат и  Младен Баришиќ,  второобвинетиот и тогашен благајник на ХДЗ кој од сите уживал голема доверба. Тврди дека незнае како се исплаќале платите во седиштето на ХДЗ,  а за купувањето на БМВ-то на Санадер одговори дека неколку пати зборувал секретарот на ХДЗ на седница на Претседателството.

Втор на клупата за сведоци седна уште еден поранешен пратеник од редовите на ХДЗ, архитектот Јерко Рошин. Слично како и неговиот претходник рече дека незнае за т.н. црн фонд на партијата, а смета дека секој слободно можел самостојно да делува во партијата. Вели дека нема сознанија ниту дека фирма за маркетинг „Фими медиа“ работела за ХДЗ. Раскажа дека со Санадер се познава повеќе од 30 години, а поинтензивно се дружеле кога поранешниот премиер го замолил да му помогне околу средување на станот во Сплит. Подоцна како што вели работел и на куќата на Санадер во Загреб. Нарекувајќи се себе си  „дворски архитект“ и човек од доверба на поранешниот премиер, посведочи дека ѕидовите на куќата биле полни со скапи уметнички дела и  богати колекции, а како што кажа и самиот му подарил на Санадер слика и скулптура за роденден.

Судскиот процес продолжува на 11 февруари, предвидено е да сведочат хрватскиот професор и тетарски режисер Петар Селем и министерот за образование во владата на Санадер, Драган Приморац.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.