СУДЕЊЕ „Фими медиа“: Сведочеше Марица Главаш, некогашен шеф на сметководство во ХДЗ
Вторник, 10 јули 2012 – Марица Главаш која извесно време била на чело на сметководство во ХДЗ, вели дека и била предадена поголема сума на пари од страна на тогашниот благајник кои ги сместила во сеф на партијата. Овие пари, како што наведува во својот исказ, не ги евидентирала никаде бидејќи и било кажано дека тие не спаѓаат во нејзиниот делокруг на работа.
На почетокот од главната расправа, Марица Главаш објасни дека во ХДЗ работела од 2008 до 2010 година, а на барање на Иво Санадер станал шеф на сметководство и ја наследила обвинетата Бранка Павошевиќ која ја призна вината, но не се спогоди со УСКОК. Како што вели, ова се случило откако државната ревизија утврдила неправилности во извештајот на партијата од 2007 година. Додаде дека со Санадер се познавале уште од 80-тите и дека тој барал човек кој ќе ги поправи работите во сметководство. Кога дошла на местото на Павошевиќ вели дека утврдила многу неправилности што според неа не значи дека биле незаконитости, но ја чинеле партијата околу 400.000 куни.
На прашање дали примила 2 милиони куни и 300.000 евра од тогашниот благајник на ХДЗ, Младен Баришиќ, таа одговори потврдно, објаснувајќи дека истите биле сместени во сеф на партијата и за нив не издала потврда, ниту пак ги евидентирала некаде. Нагласи дека за потеклото на парите никој не и кажал, а наводно Баришиќ и Бранко Бачиќ (до неодамна генералниот секретар на ХДЗ), кој веќе сведочеше и рекле дека во договор со Јадранка Косор ќе и донесат пари што треба да ги чува во сеф, но дека истите немале врска со нејзината работа.
Во текот на своето сведочење, Главаш зборуваше и за БМВ – то, за кое обвинителството тврди дека Санадер го платил со пари од црниот фонд на ХДЗ. Таа во својот исказ рече дека во ноември, 2011 година добила налог да плати царина во износ од околу милион куни, наредба што ја добила од страна на нејзиниот надреден, Иван Јарњак поранешниот секретар на ХДЗ кој веќе сведочеше. Наводно го прашала што се увезува, а Јарњак и одговорил дека се работи за возило наменето за Санадер. Потоа во партијата дошла и сметка од 330.000 евра која била во согласност со царинската декларација.
На следното рочиште закажано за 16 јули, 2012 година предвидено е да сведочи Дарко Милиновиќ, член на ХДЗ, а меѓу другото и поранешен министер.
„Фими медиа“
Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Дел од обвинетите ја признаа вината, а има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.