/ Прочитано:

1.289

Судење „Фими медиа“: Сведокот на одбраната – Санадер беше најголем авторитет во партијата, но ретко се мешаше во финансии

Вторник, 19 февруари 2013 – Во продолжение на судскиот процес за досега најголемата корупциска афера во Хрватска, „Фими медиа“ сведочеше поранешниот министер за море, транспорт и инфраструктура нa ХДЗ, Божидар Калмет. Пред судскиот совет појасни дека 2010 година станало збор за финансиите во партијата, идните планови и завршните финансиски сметки. Според него тогашниот главен благајник Иван Јарњак бил тој кој ги изнел наодите на државната ревизија, додека претседателството ретко кога се мешало во финансиите.

„Тогашниот претседател Иво Санадер не можеше секој ден да има увид во материјално-финансикото работење на партијата, но сепак тој беше претседател“, појасни сведокот на одбраната Божидар Калмет, поранешен министер во владата на Санадер – одговорајќи на клучното прашање околу финансиското работење на партијата и влијанието на Претседателството.

Судијата Иван Чалиќ бараше прецизен одговор која била улогата на Санадер како претседател  во секојдневната оперативна работа на партијата. Исто така судскиот совет беше заинтересиран за односот меѓу благајникот Јарњак и Санадер.

„Претседателот сепак беше најголем авторитет во партијата, а од она што го знам беше присутен на сите закажани седници. Во однос на Јарњак колку што се сеќавам беа блиски имаат коректен однос и соработка“, појасни сведокот.

Судскиот процес продолжува на 25 февруари со сведочење на поранешни министри во владата на Санадер, повикани од страна на одбраната. Според предвиденото треба да сведочат вкупно 9 екс-министри.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.