/ Прочитано:

1.160

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: За „Фими медиа“ прв пат слушнав од медиумите, сведочи Бјанка Матковиќ, екс-министер без ресор

Понеделник, 9 јули 2012 – Сведочеше Бјанка Матковиќ, екс-министер без ресор, шеф на кабинетот на Иво Санадер. Матковиќ која важела за многу близок соработник на поранешниот премиер, вели дека не забележала ништо сомнително во работата на партијата, а завршната сметка според неа  им била достапна на сите членови и за истата се расправало на седниците на Претседателството на ХДЗ. За лични потреби, вели дека не земала пари во готово од сметководителот, освен паушали кои и биле исплаќани за време на камапањата за покривање на трошоци направени на терен, но тврди дека сите сметките биле испраќани во сметководство. Инаку според исказот даден во истрага на обвинетите кои ја признаа вината, Матковиќ е еден од оние ликови на кои им биле исплаќани пари од т.н. црн фнд на ХДЗ.

На самиот старт од рочиштето, одбраната на Санадер предложи нов доказ, документ од Претседателството на ХДЗ во врска со материјално-финансиското работења на партијата, што го добиле дополнително од член на ХДЗ. На ова обвинителството се противеше, но истиот беше прифатен од страна на судскиот совет.

Своето сведочење, Бјанка Матковиќ го почна со образложение  дека била неформален член на Претседателството на ХДЗ и шеф на кабинетот на Иво Санадер. На прашањето на обвинителството, дали на седниците на Претседателството се разговарало за материјално-финасиската работа на ХДЗ, Матковиќ одговори потврдно, наведувајќи дека се разговарало за кампањи, донации, поддршка на различни проекти, односно дека за завршната сметка на партијата се разговарало на седница, а за истата известувал генералниот секретар. Матковиќ додаде дека организацијата во кои влегува и изборот на пејачите кои пејат за кампања, биле на дневниот ред на Претседателството, но не и нивните хонорари. Според Матковиќ, Претседателството ги носело одлуките во врска со пејачите, но Секретаријатот ги потпишувал хонорарите. На прашањето дали знае нешто во врска со купување на облека од т.н. црн фонд на партијата, таа одговори дека знаела за купување на некакви униформи, но дека се било во согласност со законот. Потврди дека на одредени личности им биле исплаќани парични надоместоци за прекувремена работа, но била сигурна дека и тоа било соодветно регулирано во партијата.

Откако од страна на обвинителството и беше предочена исплатница на нејзино име, во висина од 16.000 куни, таа рече дека тие пари биле наменети за Здружението на жените при ХДЗ каде била претседател. Негирајќи дека се работи за некаква надохнада за неа, Матковиќ тврди дека тие пари биле за активностите на Здружението, кое како што вели главно се занимавало со хуманитарна работа.

На прашање на Санадер, дали била запознаена со тоа дека фирмата „Фими медиа“ вршела работи за ХДЗ, таа рече дека тоа не било точно и дека прв пат за ова име слушнала од медиумите.

На следната главна расправа закажана за утре (10.07.2012), ќе сведочи  Марица Главаш, поранешен благајник на ХДЗ.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.