/ Прочитано:

1.844

СУДЕЊЕ Иво Санадер: Немаше притисоци при донесување на важни владини одлуки, сведочи Јосип Фришчиќ

Четврток, 28 јуни 2012Продолжи судењето против поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер. На денешното рочиште сведочеше Јосип Фришчиќ, поранешниот лидер на Хрватската селанска партија (ХСС), која што беше дел од коалициската влада на Санадер. Фришчиќ вели дека по однос на прашањето „ИНА-МОЛ“ неговата партија дала согласност да се најде најдоброто решение. Според него, немало притисоци како да се гласа при донесување на важни владини одлуки. Со ова ги дематираше дел од сведоците кои го тврдеја спротивното. Иако беше предвидено да сведочи и Раде Перковиќ, пријател на Санадер уште од 90-тите, тој поради болест не се појави на главната расправа.

Јосип Фришчиќ, поранешен лидер на Хрватската селанска партија (ХСС), коалициски партнер во Владата на Санадер

Фришчиќ кој сведочеше во врска аферата  „ИНА – МОЛ“, рече дека неговата партија била дел од сите важни владини одлуки. Меѓу овие одлуки била и онаа во врска со измената на акционерскиот договор на „ИНА“, во корист на  „МОЛ“.  

Афера: „ИНА – МОЛ“

Со обвинението за случајот „ИНА – МОЛ“ , Санадер се товари дека  примил мито – 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија  „ИНА“ на сметка на Владата на Хрватска.

Тој во својот исказ наведе дека коалициските партнери често одржувале состаноци, а на еден од тие состаноци било презентирано и прашањето во врска со измената на акционерскиот договор на нафтената компанија „ИНА“.  Според Фришчиќ тогаш им било кажано дека дошло до промена во управувачката структура, бидејки „МОЛ“ купувал акции. Тој додаде дека сепак клучна тема било како да се создадат услови водечката компанија во Хрватска (се мисли на „ИНА“ ) да функционира успешно, односно  да се обезбеди сигурност за граѓаните и хрватската економија.

На седницата на која била донесена одлуката околу овој спорен договор, вели дека не присуствувал, но смета дека истата била донесена едногласно. На прашањето дали бил вршен некаков притисок врз министрите при донесувањето на оваа одлука, тој рече дека доколку имало такво нешто ќе бил известен од страна на неговите сопартијци.

На следното рочиште закажано за 05.06.2012 (следниот четврток) од Австрија, преку видео линк ќе сведочат Злата Врдољак и Јерг Шустер, претставници од „Хипо банка“.

>> Проследете го судењето за аферите „Хипо банка“ и „ИНА – МОЛ“.