/ Прочитано:

1.836

Судење „Јашари“: Не видов кој замавна, но видов како Мухамед падна на земјата, се држеше за срцето, болно и силно викаше, тврди еден од очевидците

Среда, 26 септември 2012 – Учениците од средното училиште „Здравко Цветковски“ сведочеа за немилиот настан во кој загина храброто момче што се обиде да го спаси другарот, Мухамедали Јашари. Наведоа дека виделе удар со камен по градите на Јашари, тој болно викал и се држел за градите, но никој од нив не е сигурен кој го удрил. Солзи во очите и кај сведоците и кај роднините на обвинетите, сведочењата за тепачката што кобно заврши ги растревожи присутните во судницата. Процесот продолжува со сведочењето на останатите очевидци кои во април мината година му биле соученици на Јашари.

Средина: првообвинетиот Петар Маневски, десно: адв. Ристо Петров

Обидувајќи се да го заштити другарот, матурантот Мухамедали Јашари заврши трагично поради удар од камен во градите во дворот на средното градежно училиште „Здравко Цветковски“, во април 2011 година. Според обвинението, Јашари го изгубил животот во обид да му помогне на својот другар кој влегол во тепачка со тројцата сега обвинети, односно да ги спречи истите да избегаат од училишниот двор.  Обвинетите кои се на возраст од 17 до 19 години наводно дошле во училиштето за да ги расчистат сметките. Обвинителството ги гони за нанесување на тешки телесни повреди со смртни последици, а родителите на Јашари бараат тие да одговараат за убиство.

>> Предметот за случајот Мухамедали Јашари проследете го тука

Тек на рочиштето

12:30 –  Откако судијката ги сослуша сведоците, го прекина главниот претрес. Донесе решение процесот да се одложи за 19.10.2012 година во 10:30 часот затоа што е потребно да се сослушаат уште неколку ученици што биле присутни и очевидци на немилиот настан во училиштето.

12:00 –  Судијката го повика последниот сведок Мифтар Јонузи. Тој му бил другар и соученик од исти клас на Мухамед Јашари. Накратко го објасни критичниот ден кога учениците примале вакцина. Јашари, нему и на неколку другарчиња им рекол дека знае каде ќе се одвива вакцинирањето, излегле во дворот и виделе тепачка, како што вели тепачите имале средства во рацете. Јонузи видел дека обезбедувањето брка некое лице, тогаш Јашари се обидел да го фати лицето за да не побегне од училишниот двор.

„Лицето што се тепаше се оддалечи, Јашари тргна кон него, беа на растојание од 1 до 2 метри. Тепачот замавна со камен кон Јашари, каменот заврши во неговите гради. Го удри и почна да бега, малку го видов, се се одвиваше брзо затоа ми беше свртен со грбот кога почна да бега. Мухамед падна на земјата, тргнавме да му помогнеме, дојдоа „Брза помош“ и професорите“, рече сведокот Мифтар Јонузи.

11:10 – На пултот пристапи вториот сведокот Петар Ѓерамидџиев кој исто така на критичниот ден бил ученик во училиштето. Веднаш на судот му кажа дека денешното сведочење нема да биде исто во однос на она што го кажал пред истражен судија. Иако се обиде детално на судот да му ги каже случувањата од тој ден беше видно збунет со нејасни и неповрзани реченици. Во истрага рекол дека малолетникот замавнал кон Јашари, денеска рече дека не е сигурен кој замавнал, дали првообвинетиот Петар Маневски или малолетникот.

„Ова е моментот што се разликува во моите изјави, јас видов удар кој заврши во градите на трагично загинатиот Јашари, тој извика силно, продолжи да се движи но со секој чекор паѓаше, падна на 2 метри до мене, мислам дека беше во несвесна состојба. Моментот на ударот што го опишав во претходната изјава посочив дека сторителот е малолетникот Д.Т, но потоа зборував со другите сведоци, моите соученици. Сите исто како мене до детал го опишале настанот, освен тоа што тие виделе дека првообвинетиот Петар Маневски замавнал. Има шанси овие лица да сум ги смешал“.

На тврдењето  на сведокот дека малолетникот ја предизвикал тепачката, реагираше братот на малолетникот„ Не е точно, ако не се сеќава нека не сведочи“. Судијката го отстрани од судницата.

Сведокот потоа повикал „Брза помош“, се насобрале професори околу телото на Јашари. Тој на судот му рече дека не сака да има сомнеж во неговата изјава, па затоа денеска ја сменил. Неколкупати судијката го праша дали некој му влијаел за да го смени исказот, го потсети дека лажно сведочење е кривично дело, но сведокот тврдеше дека никој не може да му влијае, ова го направил за да не биде дел од некое погрешно судење.

На ова сведочење приговараа обвинителот и одбраната на малолетникот, адвокатот Радован Миладиновски. Иако се спротивставени страни, за сведочењето на овој сведок се согласија дека тој е нејасен и конфузен и постојани ги менувал фактите.

Мајката на малолетникот не успеа да ги задржи солзите, видно растревожена од сведочењето и целата атмосфера остана во судницата за да го слушне целиот исказ на сведокот. Тој само дополни дека со малолетникот другарувале пред две години, никогаш не се скарале, туку едноставно ги прекинале комуникациите без некоја посебна причина.

10:30 –  Откако за неколку минути сведокот се смири, судијката продолжи со сослушувањето. Наталија раскажа дека тој ден вниманието и било привлечено од група на 4 момчиња кои наоружани со шипки во рацето влегле во училишниот двор. На прашањето на судијката, „Кој го удри Јашари“, таа одговори:

„Не видов кој замавна, но видов како Мухамед падна на земјата, со раката се држеше за срцето, болно и силно викаше, а Дарко Анчев крвареше и тој беше паднат на земјата откако едно лице му удри шамар, а по неколку секунди друго лице го удираше со шипка по тилот на главата и грбот, Дарко почна да крвари“.

10:20 – На пултот во судницата пристапи сведокот Наталија Трпковска, на критичниот ден таа била ученичка во училиштето. На судот му објасни дека сега сликата и е избледена и дека не сака во судот нешто погрешно да каже затоа останува на исказот даден пред истражен судија. Откако адвокатот Ристо Петров на првобвинетиот Петар Маневски го притисна сведокот со прашањата во која насока избегало лицето што според нејзининото сведочење било дел од тепачката во училиштето. Трпковска прво видно вознемирано, а потоа и со солзи во очите, не и даде одговор на одбраната. Судијката го прекина претресот.

„Ве молам се работи за нечија судбина, престанете со сугестивни прашања, сепак се ова деца кој од пред некој месец станале полнолетни“, ги опомена судијката сите присутни во судницата.

10:12 – Судењето почна, судијата утврди дека се присутни дел од сведоците, одбраната и обвинетиот малолетник, но исто така нотираше дека добила известување за второобвинетиот Стефан Гелов кој заминал на обука за да ги продолжи студиите во Италија. Сепак судијката Александра Ристевска донесе решение да се суди во негово отсуство, бидејќи како што рече нема да дозволи предметот да отиде во недоглед. Првообвинетиот е се уште во бегство, му се суди во отсуство.